Изградба на мали хидроцентрали на Лешница, Шар Планина / фото: архива

Победија разумот и јавниот интерес: се демонтираат хидроцентралите на шарпланинскиот бисер Лешница

Националниот парк „Шар Планина“ објави дека се демонтираат двете недоградени хидроцентрали на реката Пена на Шар Планина, со што ќе се заштити единствениот природен амбиент и вредноста на Лешница, едно од најубавите места на нашиот планински масив.

Од Националниот парк веста ја споделија на денешниот Светски ден на заштитата на природата.

„Сакаме со јавноста да споделиме една вест што претставува значаен чекор за иднината на Шар Планина. Во координација со надлежните државни институции, во тек е сложена операција за демонтажа и изнесување на цевководите од малите хидроцентрали Пена 84 и Пена 85 во долината на Лешница. Многу планинари, љубители на природата и посетители кои во изминатите три недели ја посетија Лешница беа сведоци дека на терен се работи. Денес, на овој симболичен ден, сакаме официјално да споделиме дека започна првиот чекор кон враќање на природата во нејзината првобитна состојба“, ја пренесе Националниот парк убавата вест.

„Ова не е случаен настан. Ова е резултат на долг и посветен институционален процес, во кој ЈУ Национален парк Шар Планина доследно ги застапуваше стручните, законските и природозаштитните аргументи пред сите надлежни институции, со јасна цел – заштита на долината на Лешница и зачувување на природните вредности на Шар Планина. Нашите ставови отсекогаш беа јасни и засновани на законската рамка и на стручните документи. Планот за управување со Национален парк Шар Планина јасно утврдува дека изградба на нови хидроелектрани не е дозволена во ниту една зона на заштита, бидејќи тие претставуваат една од најзначајните закани за природните вредности и за речните екосистеми.
Долината на Лешница е подрачје со исклучителни природни вредности, дел од идната Natura 2000 мрежа и Emerald подрачје, чија заштита претставува и национална и меѓународна обврска. Истовремено, Националниот парк побара враќање на реката Пена во нејзината природна состојба, што подразбира целосна демонтажа на поставените цевководи, нивно изнесување надвор од границите на Националниот парк, отстранување на бетонските конструкции и постепена обнова на природниот речен екосистем“, пишува во соопштението објавено на социјалните мрежи.

„Ова е успех на институциите, на сите што веруваа дека природата заслужува заштита, но и на бројните граѓани, планинари, научници, здруженија и љубители на Шар Планина кои низ годините ја поддржуваа оваа заложба. Но, нашата работа сè уште не е завршена. Пред нас останува уште еден важен чекор – целосно отстранување на последната цевка и конечно враќање на Лешница таму каде што припаѓа – на природата. Затоа, останете со нас. Наскоро ќе го споделиме и моментот кога последната цевка ќе ја напушти долината на Лешница. На Светскиот ден на заштитата на природата не одбележуваме само еден датум. Одбележуваме почеток на враќањето на природата во нејзината изворна состојба. Затоа што природата најдобро ја чуваме кога зборовите ги претвораме во дела“, додаваат од Националниот парк „Шар Планина“.

ВИДЕО: Мечка и две малечки талкаат по непрегледните пасишта на Шара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот