Нико Стојан / фото: Фејсбук

Почина ценетиот берлински диџеј и продуцент Нико Стојан

Почина Нико Стојан, познатиот берлински диџеј, продуцент и еден од основачите на издавачката куќа „Уије“. Веста за неговата смрт беше објавена на неговите профили на социјалните мрежи. Причината за смртта засега не е соопштена, пренесе „Резидент адвајзор“.

Стојан е роден и израснал во Берлин, а со музика почнал да се занимава во деведесеттите години, кога ги открил грамофоните во дискотеката на својот вујко. Неговите музички почетоци биле поврзани со хип-хопот, џезот, соулот и фанкот, пред да се насочи кон хаусот и техното.

Тој стана една од препознатливите фигури на берлинската андерграунд-сцена како резидент на легендарниот клуб „Бар 25“. Со своите топли и мелодични сетови придонесе за музичкиот идентитет на клубот, а подоцна настапуваше во „Панорама бар“, „Вотергејт“ и во клубови и на фестивали низ светот.

Неговата музика беше објавувана за издавачките куќи „Кросстаун ребелс“, „Киндиш“, „Сонара“ и „Бар 25 мјузик“. Заедно со Ацид Паули ја основа и издавачката куќа „Уије“.

Колегите и пријателите се простуваат од Стојан како од исклучителен музичар, но и како од топол и добар човек, чија музика остави длабока трага во берлинската и светската електронска сцена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот