Фото: Facebook/ВедранаРудан/Принтскрин

Ведрана Рудан по искуството на онкологија со силна порака за медицинските сестри: „За нивните плати никој не пишува“

Хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан во својата најнова колумна зборува за секојдневната борба на онколошките пациенти, но овојпат во центарот на вниманието ги стави медицинските сестри кои се грижат за нив, пренесува „Вечерњи“.

Рудан им се заблагодари за посветеноста и грижата што им ја пружаат на тешко болните пациенти, но истовремено остро предупреди на условите во кои работат, големиот притисок и исцрпувачките смени.

Писателката во мај 2024 година јавно откри дека ѝ бил дијагностициран карцином, а подоцна зборуваше и дека боледува од агресивен рак на жолчните канали. Во новата колумна, насловена „Медицинските сестри ќе здивнат кога ќе издивнат“, таа ги опиша сопствените искуства од одделот за онкологија во Риека и средбите со лекарите и медицинските сестри кои секојдневно се грижат за пациентите.

„Риечката онкологија е во камен и железо. Се проширува додека жештината убива, медицинските сестри се дават во пеколот со насмевка на лицето. ‘На пациентите им е најтешко’, ‘Тоа е наш повик’. Може ли смените од 0 до 24 часа да бидат нечиј повик или тоа сепак е хрватски државен злостор?“, напиша Рудан.

Таа се присети на ноќните обиколки, мерењето притисок и температура, како и на сите оние мали, но за тешко болните луѓе исклучително важни работи што ги прават медицинските сестри.

Грижата што ја добива во болницата ја спореди со онаа што ѝ ја пружа нејзиното семејство дома.

„Јас сум во групата на ‘оние на кои им е најтешко’. Затоа знам дека мене не ми е најтешко. Ќе умрам јас, ќе умрат и другите. Вчера бев на контролен преглед. Слушнав приказна во која сè уште не можам да поверувам. Моментално сум дома. За мене се грижи семејството. Супа, чај, цврста храна, мека храна, миење во кревет, изнесување од собата на вишокот од мојот материјал… Глумам дека дремам. Се срамам. До каде паднав. Кога ќе им го кажам тоа, слушам само една реченица – ти си наша“, напиша таа.

Рудан додаде дека чувството на припадност и благодарност го чувствува и во болницата, каде што медицинските сестри се грижат за пациентите во најтешките моменти.

„Чија сум кога сум во болница дење и ноќе, кога во три наутро чувствувам рака на челото, кога во пет ги гледам сестрите како го носат мојот отпад, што мене бескрајно ми се гади, кога во шест ми го мерат притисокот, температурата… Не сум богата, да бев, би им дала сè што имам. ‘Тоа е наш повик’, велат.“

Во продолжение на колумната, Рудан се осврна и на платите на медицинските сестри, посочувајќи дека според неа во јавноста недоволно се зборува за нивните примања, прекувремената работа и товарот со кој секојдневно се соочуваат.

„Прашувам колку се платени, иако чувствувам непријатност кога мислат дека мораат да ми одговорат. За нивните плати никој не пишува, не се снимаат телевизиски емисии. Хрватските медицински сестри се стаорци што пречат на патот. Сепак, слушнав дека месечно примаат од 1.200 до 2.000 евра. Тука има и прекувремени часови“, напиша Рудан.

Посебно ја потресла приказната што ја слушнала за докторката Ивана, која, како што наведува Рудан, не можела повеќе да гледа колку се исцрпени нејзините колешки, па организирала еднодневен излет со брод за дел од здравствените работници.

„Онаа вчерашна приказна од болницата не ми излегува од глава. Не знам дали е среќна или страшна. Докторката Ивана пукна. Повеќе не можеше да ги издржи страдањата на своите колешки. Смените од 7 до 19 часот, па од 19 до 7… никогаш крај. Изнајмила бродче, музика и ги повикала колегите кои можеле да дојдат на еднодневен излет. Се играло, се пеело, се смеело. Меѓу Црес и Крк по Јадранското Море пловел бродот на радоста“, напиша таа.

Рудан оваа приказна ја искористи како повод за поширока критика на состојбата во здравствениот систем и положбата на медицинските работници. Таа порача дека благодарноста не треба да остане само на зборови, туку дека е потребно јавно да се зборува за проблемите со кои се соочуваат здравствените работници.

„Треба ли хрватските граѓани молкум да гледаат како ракот им ги откинува најмилите од животот, а нивните деца ги дави во прегратките на сестрите? Сите ние што ја слушнавме приказната на Ивана плачеме над животот на робовите во нашите болници. Тоа нема да ѝ помогне ниту на Ивана, на која ѝ пукна срцето, ниту на нас, ниту на нив. Како не разбирате, слепци! Идни болни луѓе! Излезете на улиците и со сите сили борете се против државата која е рак за Хрватска“, заклучи Ведрана Рудан.

Ведрана Рудан ја опиша својата состојба во нова потресна колумна: „Изгледам како скелет покриен со кожа“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот