Уште не се знае кој ги замати водите на Лепенец
Од Државниот инспекторат за животна средина за „Слободен печат“ соопштија дека нивните служби во петокот и денеска извршиле вонредни инспекциски надзори во повеќе локации во Ѓорче Петров, од каде земале примероци од отпадните води кои по барање на Градот и на „Водовод“ се дадени на обработка во акредитирана лабораторија за животна средина.
Сѐ уште нема информација околу тоа каква материја со бела боја во петокот беше истурена во реката Лепенец во Злокуќани, а потоа се спои и го испенави водотекот на Вардар, со што повторно беше загадена најголемата река во Скопје.
Препорачано
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски истиот ден јавно се огласи и информираше дека веднаш биле ангажирани градските инспекциски служби, а дека дополнително ги контактирале и инспекциските служби на Министерството за животна средина, кои исто така излегле на терен.
ФОТО | Водата во Лепенец денеска е навидум чиста, јавноста чека одговор за вчерашното загадување
Тој посочи дека од страна инспекциските служби на Град Скопје бил пуштен и дрон за детектирање на причинителот на оваа појава, додека пак службите од ЈП „Водовод и канализација” земале примероци од реката кои, како што изјави Ѓорѓиевски, веднаш биле дадени на испитување за да се утврди за каква материја станува збор.
Тој најави дека веднаш штом се добијат подетални информации од Министерството кое е надлежно за разрешување на состојбите јавноста ќе биде информирана за состојбата на реката.

Сепак, пет дена подоцна, уште нема никаква информација за евентуално пронаоѓање на изворот на ова загадување од каде била пуштена материјата во реката, ниту пак кои се пронајдени сторителите на овој опасен и страшен чин.
Иако од Градот најпрвин делумно ја презедоа одговорноста од Министерството за животна средина и излегоа на терен по информацијата за загадувањето, тие во моментот не располагаат, и, како што велат, не се надлежни за пронаоѓање на сторителите и за утврдување на изворот на материјата, како и нејзиниот конкретен хемиски состав.
Единствениот одговор кој „Слободен печат“ го доби од Градот е дека анализите на земените мостри се во тек и дека јавноста ќе биде благовремено информирана откако ќе излезат резултатите.
– Анализите на земените примероци се во тек. По добивањето на официјалните резултати од надлежните институции, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана. Во врска со прашањата што се однесуваат на утврдувањето на причинителот на загадувањето, евентуалните сторители, предвидените санкции, како и проценката на последиците врз водотекот и мерките за негова санација, Ве упатуваме да се обратите до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Државниот инспекторат за животна средина, како надлежна институција за овие постапки – брифираат од Градот за „Слободен печат“.
Необична бела пена се појави на устието на Лепенец во Вардар, ќе се испитува што е и од каде е
По насоките од градските власти, ние испративме прашања и до „Водовод и канализација“ во чија лабораторија се обработуваат земените мостри, а оттаму добивме сличен одговор, односно дека во петокот се земени мостри кои уште се анализираат.
-Секторот Санитарна контрола зема примерок од реката Лепенец на 24.07.2026 година.По завршувањето на лабораториската анализа и добивањето на официјалниот резултат, јавноста ќе биде навремено информирана- велат од претпријатието.
Од Државниот инспекторат за животна средина, пак, за „Слободен печат“ соопштија дека нивните служби во петокот и денеска извршиле вонредни инспекциски надзори во повеќе објекти во Ѓорче Петров, од каде земале примероци од отпадните води кои по барање на Градот и на „Водовод“ се дадени на обработка во акредитирана лабораторија за животната средина.
-Во петокот и денеска се извршени повеќе вонредни инспекциски надзори од страна на ДИЖС во субјекти кои се наша надлежност на потегот Ѓорче Петров. Беа земени мостри од отп.вода по барање на Град Скопје од ЈП Водовод и Канализација и по барање на ДИЖС од Фуд Лаб, акредитирана лаботаторија за жив.средина со која договор има МЖСПП. Извештаите сеуште не се готови. Стручно мнение околу ваков тип загадување може да дадат стручни лица од Управа за животна средина, Сектор за води, ЈП Водовод и канализација, факултети- велат од ДИЖС.
Во однос на санкционирање на сторителите на овој хазарден чин, од Државниот инспекторат посочија дека откако ќе се откријат сторителите, тие ќе бидат казнети „согласно пропишаните санкции во материјалните закони од областа на животната средина усогласени со Законот за прекршоци и Кривичниот Законик“.
Од Инспекторатот посочија дека откако комплетно ќе завршат вонредните надзори и кога ќе бидат изготвени извештаите, ќе биде објавено целосно соопштение со цел, како што велат од ДИЖС, да нема нецелосно информирање на јавноста.
-За комплетните надзори и извештаите ќе следи посебно соопштение откако ќе завршат сите активности, во моментов неможе да се информира нецелосно- велат од Инспекторатот за „Слободен печат“.
Ѓорѓиевски во петокот соопшти дека, како што вели, вакви испади и неодговорно однесување имало и претходно, но за разлика од минатото, сега тој тврди дека „ќе има постапување и санкционирање“.
„Зелен хуман град“ бара да се затвори загадувачот што ја испуштил белата пена во Лепенец и Вардар


