Instagram
Ведрана Рудан - Фото: Принтскрин -Instagram

Ведрана Рудан ја опиша својата состојба во нова потресна колумна: „Изгледам како скелет покриен со кожа“

Хрватската писателка Ведрана Рудан (76), која боледува од рак на жолчните канали, во нова, исклучително емотивна колумна отворено проговори за својата здравствена состојба, болничките денови и луѓето што секојдневно се грижат за онколошките пациенти.

Во текстот со наслов „Сестри“, објавен на нејзиниот блог „Rudan.info“, Рудан без разубавување ја опишува тежината на болеста и физичките последици од терапиите.

„Коските ми се полни со метастази, секоја болка вреска на свој начин. Смртта ја повикувам веќе година и пол – залудно“, пишува таа во својот препознатлив, сурово искрен стил.

Посебен дел од колумната го посветува на медицинските сестри, кои ги опишува како светлина во мрачната болничка реалност. Според неа, тие се тие што ги држат пациентите „во живот“, дури и кога сè изгледа бесмислено.

„Нè полнат со хемотерапија и отрови, но лицата на сестрите не се наше огледало. Тие ни се насмевнуваат како да сме убави, иако сме исцрпени и уништени“, наведува Рудан.

Со болна искреност таа раскажува и за секојдневието на онколошките пациенти – повраќање, немоќ, пелени, губење на достоинството.

„Изгледам како костур покриен со кожа. Моите најблиски ме молат да јадам, а мене сè ми се гади“, пишува таа.

Во разговорите со медицинските сестри, Рудан открива и колку е тежок нивниот живот – долги смени, постојан престој во болница, грижа за семејствата и дополнително школување.

„Ги прашувам зошто не заминат, сестри се бараат насекаде. Ми велат: ‘Само тука можеме навистина да помогнеме’. Искрено, не знам за кои пари, дури и да сум здрава, би издржала една смена на овој оддел“, признава таа.

Колумната на Ведрана Рудан е суров, но човечки сведок за болеста, за болничката реалност и за луѓето кои тивко и пожртвувано ја носат најтешката работа – грижата за оние што се борат за живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот