Во Италија повеќе не важат македонските возачки дозволи
Македонските граѓани се соочуваат со проблеми при користењето и замената на возачките дозволи во Италија – туристи пријавуваат дека рентакар-компании одбивале да им изнајмат возило само со македонска дозвола, додека иселениците со постојан престој повеќе не можат да ја заменат со италијанска без да полагаат.
Препорачано
Неколку македонски туристи кои деновиве престојуваат во Италија биле известени дека за изнајмување автомобил мора да приложат меѓународна возачка дозвола. Вработените во компаниите им објасниле дека добиле нови насоки за клиенти чии дозволи се издадени надвор од Европската Унија.
Дополнителен проблем претставува тоа што македонската возачка дозвола не се наоѓала во каталогот со обрасци што го користеле рентакар-компаниите за проверка на документите.
Ситуацијата е поголем проблем за македонските државјани што живеат во Италија. Во моментов тие немаат можност директно да ја заменат македонската дозвола со италијанска, па за добивање локален документ треба повторно да ја поминат постапката за полагање.
Ова особено ги погодува луѓето чие работно место зависи од возењето. Дел од иселениците се соочуваат со ризик да останат без работа поради неможноста навреме да обезбедат важечка италијанска дозвола.
На интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи е наведено дека замената на дозволите издадени со називот „Република Северна Македонија“ во Италија во моментов не се спроведува. Старите дозволи со називот „Република Македонија“ формално биле опфатени со претходниот договор, иако македонските граѓани имаа обврска да ги заменат до почетокот на 2025 година.
Причината за застојот, според достапните информации, е поврзана со разликите меѓу македонскиот и италијанскиот модел на возачки дозволи. Во македонскиот образец биле внесени дополнителни категории, меѓу кои и категории за управување земјоделски машини, поради што италијанската страна побарала целосно ново усогласување.
Тоа значи дека двете држави треба повторно да ги усогласат документите, категориите и административните правила, а потоа да потпишат нов договор. По неговото стапување во сила треба да бидат известени надлежните институции, автошколите и компаниите за изнајмување возила.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија велат дека македонската страна ги завршила потребните формалности и дека се очекува конечно одобрување од италијанските институции.
По завршувањето на усогласувањето треба да следува потпишување на договорот, со што повторно би се овозможило признавање и замена на македонските возачки дозволи во Италија.


