Внимавајте, има нов бран на обиди за измама преку „Вајбер“
Корисници на апликацијата за пораки „Вајбер“ во Македонија деновиве пријавуваат зголемен број на обиди за измамнички напади, насочени кон крадење на личните податоци и пристапот до кориснички профили.
Препорачано
Според медиумите, најчесто се работи за два метода со кои измамниците се обидуваат да стигнат со целите. Првиот се повиците на „Вајбер“ од броеви што почнуваат со +1, телефонскиот повикувачки број за Соединетите Американски Држави. Иако го имаат префиксот +1, повиците всушност доаѓаат од целиот свет. Ако одговорите на повикот, може да ви бидат наплатени високи сметки или да бидете пренасочени на лажни страници. Најдобар начин да се заштитите е едноставно да не се јавувате на непознати броеви, особено ако се со странски префикси.
Вториот, многу посуптилен напад, доаѓа во форма на лажна порака на „Вајбер“ со следнава содржина:
„Онлајн корисник
Viber корисник
За жал, добивме извештаи дека вашата сметка е украдена.
Корисник 2: +
За да ја потврдите сопственоста, испративме верификациски код на вашиот број преку SMS. Проверете ја вашата SMS порака и внесете го кодот овде.
Доколку не ја потврдите сопственоста на вашата сметка, таа ќе биде означена како украдена и вашата сметка ќе биде трајно избришана од Вибер за да се заштитат информациите на оригиналниот сопственик.“
Оваа порака е класичен пример за т.н. „фишинг“-напад. Хакерите се обидуваат да ве измамат да го внесете верификацискиот код што ви го испраќа „Вајбер“ преку СМС. Со тоа, тие добиваат пристап до вашата сметка и можат да ја преземат контролата врз неа.Поради ова, никогаш не споделувајте верификациски кодови со никого, без разлика кој тврди дека е. Кодот е наменет само за вас и служи за потврда на вашиот идентитет при логирање.
За да ги избегнете овие напади, следете ги овие едноставни чекори:
- Не се јавувајте на непознати броеви со странски префикси.
- Игнорирајте пораки што бараат од вас да внесете верификациски код.
- Вклучете ја двостепената верификација во поставките на Вибер. Со оваа опција, дури и ако некој го добие вашиот код, нема да може да пристапи до вашата сметка без дополнителна лозинка.
- Пријавете ги сомнителните контакти и пораки до Вибер за да помогнете во борбата против ваквите измами.
- Бидете внимателни и заштитете ги своите лични податоци и сметки


