ВМРО-ДПМНЕ „извади“ документи од Централен регистар на Хонг Конг: „Стабри Интернешнл“ е фантом-фирма за провизии при набавка на кинески вакцини

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претпладнево одржа прес-конференција чиј домаќин беше пратеникот Миле Лефков и на која беа извадени материјали од Централниот регистар на Хонг Конг. Документите, како што тврдат од опозицијата, упатуваат на фирма-фантом „Стабри Интернешнл“ која била регистрирана на 22 септември во 2017 година, три месеци по формирање на македонската влада, и која, вели Лефков, „требала да служи за провизии при набавката на кинески вакцини“.

– На фантом-фирмата „Стабри Интернешенл“, според нашите документи, се префрлени 12,5 милиона долари за 200.000 вакцини, односно Заев и Филипче на оваа фирма и платиле 100 отсто повисока цена од највисоката цена за која се продавани кинеските вакцини. Имено додека цел свет купува кинески вакцини за максимум 30 долари, Заев и Филипче платиле 62,5 евра. Или што би се рекло на струмички 30 за „Синофарм“, 30 за Вицето, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата прашуваат „како „Стабри Интернешенл“, фирма која има само тројца вработени, како што се потврдува од документите, успева да го убеди Филипче дека ќе набави кинески вакцини, кое е портфолиото на фирмата и дали тој ја истражил истата пред да стапи во соработка?!“

– Од документите кои ги имаме, се гледа дека фирмата е формирана со само 10.000 хонгконшки долари основен капитал, односно 1.000 евра. За јавноста да сфати, ова е единствената гаранција која истата ја има и е јавно достапна, а е депонирана како основачки капитал. Според информациите од Централниот регистар истата нема други средства, нагласи Лефков на прес-конференцијата.

Притоа Лефков, во име на опозициската партија, потенцира оти очекува од Јавното Обвинителство да ги земе во предвид сите документи и информации објавени во медиумите, како и овие денес, и веднаш да отвори истрага за случајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот