ВМРО-ДПМНЕ и Вреди во клинч во Струга, можни се повторно избори за советници
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ја исклучуваат можноста следната година да одат на нови избори за советници во Струга ако не се договорат со Вреди. До март треба да биде усвоен буџетот и завршната сметка на Општината, во спротивно ќе се распишат нови избори за советници.
Откако ВМРО-ДПМНЕ му откажа соработка на струшкиот градоначалник Менди Ќура, на чекор е да се изјалови коалицијата и со владиниот партнер Вреди во Струга. Ако Вреди не се согласи претседавач на Советот на Струга да биде од ВМРО-ДПМНЕ, можно е стружани следната година да трчаат на нови избори за општински советници. Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ брифираат дека ќе го блокираат општинскиот Совет и спремни се да одат на нови избори ако продолжат обидите за незаконско работење. Од Вреди, пак, очекуваат партнерите од ВМРО-ДПМНЕ да делегираат работна група за распределба на власта во Струга и за избор на претседавач на Советот.
Препорачано
Струшкиот совет цел месец не може да се конституира
Струшкиот совет и цел месец по завршување на локалните избори, сè уште не може да се конституира токму поради несогласувањата околу тоа кој ќе седне во претседавачката фотелја. На конститутивната седница верификувани се само мандатите на советниците, но не е избран претседавачот. Револтот кај советниците на ВМРО-ДПМНЕ е дека, иако конститутивната седница не е завршена бидејќи не е избран претседавачот, од Вреди со образложение од итност и со потписи на советници, свикале и одржале нова седница со која претседавал најстариот советник, кој е од Вреди и уште повеќе – за в среда закажале нова седница.
– На изборите добивме поддршка за законито работење на Општината и освен тоа не прифаќаме никаков друг начин на функционирање. Очекуваме да се заокружи конститутивната седница со избор на претседавач и нема да дозволиме нова седница на која ќе претседава најстариот советник, бидејќи тоа е противзаконски – изјави за „Слободен печат“ Мите Стефоски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ја исклучуваат можноста следната година да одат на нови избори за советници во Струга ако не се договорат со Вреди. До март треба да биде усвоен буџетот и завршната сметка на Општината, во спротивно ќе се распишат нови избори за советници. Оттаму велат дека ако некој сака да си прави приватна игранка со општинскиот Совет, тие во тоа нема да учествуваат.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека поддршката за Ќура и соработката со Вреди во Струга била за да ги сменат политиките на владеење на ДУИ и на СДСМ во таа општина, а не да продолжи незаконското работење. Потенцираат дека како партија во Советот не само што имаат најмногу советници – шест, туку и дека имаат најквалитетни советници за избор на претседавач. Распределбата на политичките сили во Советот на Струга е: ВМРО-ДПМНЕ – шест советници, владиниот партнер Вреди – четири, коалицијата НАИ, предводена од ДУИ – осум, а по еден советник имаат СДСМ и Левица и тројца независни советници од листата на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко.
Од партијата на Мицкоски се децидни дека нема да учествуваат во работата на Советот ако претседавачот не биде од ВМРО-ДПМНЕ, за кого сметаат дека ќе добијат мнозинство во Советот. Оттаму отфрлаат можна коалиција со опозициската НАИ на општинско ниво, зашто, како што велат, целта на изборите била да понудат различни политики од досегашното владеење на Мерко и на Зијадин Села во Струга. Останува отворено прашањето, пак, дали обединетата опозиција НАИ, СДСМ, Левица и независните ќе направат обид да обезбедат мнозинство во струшкиот Совет.
Од Вреди како да омекнуваат
Од Вреди како да го омекнуваат ставот за претседавач. Сепак, во изјава за „Слободен печат“ јасно не прецизираат дали ќе прифатат претседавач од ВМРО-ДПМНЕ.
– Очекуваме од нашите владини партнери, ВМРО-ДПМНЕ, да делегираат работна група за да ги почнеме конкретните разговори околу можната распределба на власта во Општина Струга и изборот на претседател на Советот. Најважното за Струга веќе е постигнато: граѓаните победија и беше избран кандидатот што ние, како Вреди и како Влада, го поддржавме. Сега приоритет е исполнувањето на нашите ветувања и реализацијата на изборната програма на градоначалникот. Имињата и функциите се помалку важни, туку враќањето на Струга на вистинскиот пат, со праведно, ефикасно и некоруптивно локално владеење – велат од Вреди.
Освен премиерот Мицкоски, кој на брифинг со новинарите го искритикува градоначалникот Ќура, кого ВМРО-ДПМНЕ како независен кандидат го поддржа на изборите и без нивната поддршка немаше да победи, незадоволни од него се и во Вреди. Според брифинзите од Вреди, тие му забележуваат дека Ќура во градоначалничкиот тим си поставил „свои луѓе“, односно дека и Вреди извисила.
Мицкоски, пак, веќе расчисти со Ќура и рече дека тој ќе ја нема поддршката од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
– Втора шанса за прв впечаток нема, а првиот е катастрофален – оцени Мицкоски за почетокот на градоначалничкиот мандат на Ќура.
Мицкоски е разочаран од градоначалникот, бидејќи на денот на знамето во Струга се вееле само албански знамиња. Тоа му го укажал на Ќура, а тој се правдал дека така и претходно во Струга го одбележувале денот на знамето. Премиерот му возвратил дека лично е разочаран од него.
– Лично му испратив порака на градоначалникот дека сум разочаран. Ме убедуваше дека така било секоја година, но не е така – рече Мицкоски.
Прекршочна против Ќура
Ќура, освен „двојка“ од Мицкоски, заработи и барање за прекршочна постапка. ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против правното лице – Општина Струга и против одговорното лице М.Ќ. (65) од струшкото село Биџево, поради сторено дело спротивно на член 6, а казнивo по член 11 од Закон за употреба на знамиња на заедниците во Република Македонија.

– Пријавените, како организатори на настан по повод денот на албанското знаме, што на 28.11.2025 се одржувал на улицата „Маршал Тито“ во Струга, покрај знамето на заедниците, ниту на бината ниту на дел од кејот на реката Црн Дрим, не го истакнале и не го поставиле државното знаме на Република Македонија што според закон биле обврзани да го направат – се вели во соопштението на полицијата.
Ако се поведе постапка, според член 11 од Закон за употреба на знамиња на заедниците, со парична казна од 30.000 до 200.000 денари ќе се казни Општина Струга, а градоначалникот ќе треба да плати казна од 10.000 до 30.000 денари како одговорно лице.


