Владиниот повереник Јакупоски ќе носи 10.000 азиски туристи во Маврово и Река
Откако еднаш се сретна со азиски туроператори, Јакупоски веднаш заклучил дека „Маврово и Ростуше се позиционира како сериозна и конкурентна дестинација на светската туристичка мапа“
Онер Јакуповски, владиниот повереник за општината Маврово и Ростуше, денес се сретнал со туроператори од земјава, но и со делегација на водечки туроператори од Азија. Главна тема на средбата било „воспоставување долгорочна соработка за промоција на нашиот регион на азиските пазари“, а општината има и конкретна, предизвикувачка амбиција – „10.000 странски туристи во Мавровско-реканскиот регион во текот на 2026 година.“
Препорачано
На средбата се разговарало за хотелските капацитети и приватните сместувачки објекти во текот на целата година, за економскиот развој на локалните бизниси и поддршката за угостителите во регионот. Договорена е глобална промоција на природните убавини во Маврово и богатата културно-историска традиција на Реканскиот крај, се пофали Јакупоски, кого Владата го назначи за повереник во општината во која изборите за градоначалник ќе се повторат во јануари поради неисполнет цензус.
„Мавровско-Реканскиот регион поседува уникатен потенцијал кој е исклучително привлечен за туристите од Азија. Нашата цел е преку вакви партнерства да обезбедиме континуиран прилив на гости, што ќе значи директна инјекција за локалната економија и сигурна работа за нашите хотелиери. Општината ќе ги обезбеди сите потребни услови и инфраструктурна поддршка за овој план да стане реалност во 2026 година“, изјави Јакупоски.
Туроператорите од Азија, според соопштението, „изразија воодушевеност од автентичноста на регионот, нагласувајќи дека Маврово и Река нудат совршен спој на недопрена природа, гастрономија и традиција, што е главен приоритет за модерните светски патници“.
На крајот на соопштението, општината без нималку скромност заклучува дека со овој чекор, „Маврово и Ростуше се позиционира како сериозна и конкурентна дестинација на светската туристичка мапа“.


