Владата со реакција: Кујнскиот прибор не е наменет само за потребите на Владата, туку за сите државни институции

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Јавната набавка се однесува на потрошен кујнски материјал за потребите на сите државни институции, вклучително Претседателот на државата, Собранието и владините институции, како и за сите посети на странски делегации во Република Северна Македонија, реагираат од Владата по објавата дека Службата за општи и заеднички работи ја подновувава владината кујна со нов прибор за угостителство во вредност од 37.000 евра.

„Тоа значи дека кујнскиот прибор и другите апарати за приготвување и послужување не се наменети исклучиво за потребите на Владата или за Канцеларијата на премиерот, туку за потребите на Службата за општи и заеднички работи во чија надлежност се поголем број институции во кои се испорачуваат угостителски услуги. Ова е прва ваква набавка во последните 10 години иако спаѓа во редот на редовните за потрошен материјал“, додаваат од Владата.

Од 2017 година наваму воведена е нова рационална практика со која угостителските услуги се користат во објекти под ингеренции на Службата за општи и заеднички работи, по ниски цени и со услуги кои ги испорачуваат самите вработени во службите, реагираат од Илинденска.

Тоа е различно од порано, кога се издвојуваа огромни суми народни пари за ресторански, кафански и други угостителски услуги во надворешни приватни комерцијалени оператори, како за потреби на функционерите, така и за странски делегации.

Со оглед на високата фреквенција и високото нивото на странски делегации и посети во земјава, поцелисходно и порационално е да се набават 30 парчиња прибор за јадење за високи странски делегации, за посети на претседатели, премиери и други високи гости на држави и со тоа услугата да се извршува на соодветно и квалитетно ниво колку може почесто во објектите на СОЗР односно Владата, отколку при секоја странска делегација да се плаќаат високи сметки во скапи и луксузни приватни ресторани, додаваат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот