Викендов почнува со работа „Фино кино“ во новиот простор на „Лабораториум“
Со проекција на филмот „Нов бран“, на 20 март, официјално ќе започне со работа новото филмско катче во центарот на Скопје – „Фино кино“.
Препорачано
Идејата на „Фино кино“, проект на приватниот културен центар „Лабораториум“, е создавање на непретенциозно „џепно“ артхаус кино и нова културна платформа со внимателно курирана програма – иницијатива за која иницијаторите се надеваат дека ќе се претвори во жива неформална заедница со филмската уметност во својот фокус.
Овој прв викенд на репертоарот на „Фино кино“ ќе бидат „Нов бран“ на режисерот Ричард Линклејтер (петок, 20 март, во 19 часот, и недела, 22 март, во 20 часот), осморангиран филм на листата на најдобри филмови на 2025 на култното филмско списание „Cahiers du Cinéma“, номинираниот за Оскар анимиран филм „Арко“ (сабота, 21 март, во 12 часот, и недела, 22 март, во 18 часот) и „Млади мајки“ во режија на браќата Дарден (петок, 20 март, во 21 часот), добитник на наградата за најдобро сценарио на Канскиот филмски фестивал.
Филмот „Нов бран“ е ново дело на американскиот режисер Ричард Линклејтер. Станува збор за комедија-драма филм од 2025 година што ја раскажува приказната за создавањето на култниот филм на Жан-Лик Годар „До последен здив“, раскажан во духот и стилот во кој самиот Годар го направил филмот што го одбележа францускиот нов бран.
Со Гијом Марбек како Жан-Лик Годар, Зои Дојч како Жан Себерг и Обри Дулан како Жан-Пол Белмондо во главните улоги, заплетот го следи создавањето на „До последен здив“ (1960), еден од клучните филмови на францускиот нов бран. Светската премиера на филмот се одржа на Канскиот филмски фестивал.
„Фино Кино“ се наоѓа во новиот простор на „Лабораториум“, во склоп на зградата на Сојузот на синдикатите.


