ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мажот на годината поради пожар го пропуштил јубилејниот роденден на сопругата
Го има секаде каде што има пожари, меѓутоа се појавува и онаму каде што има снег. Лани бркаше мечки во Тетовско, спасуваше планинари коишто паднаа на Водно. Во меѓувреме е политичар, но и прв човек на Центарот за управување со кризи. Од неодамна е и „маж на годината“ за 2024. Сето тоа е еден човек, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Во утринската емисија „Слободен печат“ вели дека последната награда му е една од најтешките досега. Во неговата кариера најчесто зборувал за политика, за војната од 2001 година, за меѓуетничките односи, за помирувањето. Откако е директор на Центарот за управување со кризи зборува за кризниот менаџмент, за пожари, поплави, мечки, спасување на луѓе.
– Никогаш немам зборувано за културна тема, како што е изборот на маж на годината, која според мене е само една забавна манифестација, но којашто си има своја општествена вредност. Нашето општество пати од кич, од невкус, нешто кое може да го сретнеме на секој чекор. Затоа ја поздравувам оваа манифестација, а наградата ми е многу драга, иако да бидам искрен, воопшто не знаев ниту дека сум номиниран – вели Ангелов.
Вели дека му се јавиле два дена пред изборот и добил информација дека е номиниран.
– Она што можев да го видам во Македонската опера и балет каде се одржуваше манифестацијата, навистина беше импозантно. Не очекував дека ќе добијам каква било награда, затоа што некои од помладите заслужуваат повеќе да ја добијат, попопуларни се, поактивни на социјални мрежи. Но ова не е избор на мис, не се бираат мажите според убавина, што можеби не е мојата најсилна особина. Се бира маж на годината според општествените вредности и постигнувања во различни категории – вели Ангелов.
Стојанче Ангелов беше бранител во 2001 година. Потоа ја формираше партијата „Достоинство“. Сега е директор на ЦУК, татко, сопруг, сега и маж на годината. Го прашавме каде е најуспешен? Вели дека успехот е дискутабилна категорија, зависи од кој агол набљудувате.
-За мене, најважно е семејството, најважни се моите деца и мојата сопруга, посветен сум максимално според можностите, затоа што, за жал, мојата работа, бара и пожртвуваност. Ова лето, ние со сопругата и децата отидовме на одмор во Грција, на Јонско Море. Вториот ден од одморот, почна пожарот на Серта, и морав да го прекинам, а после два-три дена, мојата сопруга славеше 50. роденден. Не бев со неа на јубилејниот роденден. Тргнав назад вечерта и утрото веќе бев кај Серта – вели Ангелов.
Тој објаснува дека во неговата работа нема неработни денови, несреќи се случуваат и за празници и за викенди.
На прашањето како еден несуден професор по математика заврши во МВР, Ангелов вели дека математиката му била прва љубов и требало да се запише на Природно-математичкиот факултет, но дента кога требало да полага приемен испит го повикале во Батајница на контролни прегледи за пилот.
– Им помагав и на моите деца со математиката, но има еден проблем, многу викам кога објаснувам, за мене е несфатливо, јас разбирам, јасно ми е, тие не разбираат. Ама добри се, ја сфаќаат математиката. Сега двајцата ме бојкотираат како професор по математика но, додека беа помали немаа избор и мораа да ме слушаат – вели Ангелов.
За себе вели дека бил активен каратист, се натпреварувал, работел и како помошен тренер, станал дел од специјална единица. Сè уште вежба активно и на 52 години, иако има 50 шрапнели во телото и нема дел од белодробното крило.
– Станувам помеѓу 5 и 6 часот наутро, во 7.00 часот започнувам со тренинг, а работам и додека вежбам бидејќи мојата работа е динамична, не е канцелариска. Додека вежбам, разменувам пораки со вработените, ги следам извештаите од 112. Едноставно ми се погоди работата – вели Ангелов.