Анастас Ќушкоски/ фото: Драган Митерски/Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ќушкоски: Луѓе завршуваа во затвор поради учество на Вевчански карневал

Најстарата зачувана фотографија од Вевчански карневал е направена по завршувањето на Првата светска војна, поточно во 1919 година, вели во ексклузивно интервју за „Слободен печат“, вевчанецот Анастас Ќушкоски (84), реномиран драмски писател, уметник, хроничар и пасиониран фотограф.
Ќушкоски низ годините од минатиот век, па сè до денес направил преку 20.000 фотографии од Вевчанскиот карневал.

Тој сведочи за многу немили настани и премрежја кои ги поминале вевчанци поради овој настан.

-Ова е многу стар настан, за кој јас не претпочитам да се нарекува карневал, бидејќи е обичај. Карневалот како карневал има друго значење, но нејсе, станува збор за традиција која низ годините претрпе многу премрежја. Во 50-те години на минатиот век многупати се соочувавме со забрани да се одржува оваа традиција. Тогаш многу луѓе лежеа и затвор затоа што биле маскирани, под образложение „се вознемирувало населението“. Ние вевчанци сме отпорни и покрај многуте забрани останавме истрајни до денес – вели Ќушкоски.

Нашиот соговорник се присетува и на тоа дека имало критични времиња кога децата го спасувале карневалот.

-Имаше години кога притисоците беа силни, па за да се одржи традицијата, бидејќи на возрасните им беше забрането да се маскираат, се пресоблекуваа само децата. Властите не можеа на децата да им ја ускратат забавата. Така тогаш го оживувавме Вевчанскиот карневал – рече тој.

Анастас Ќушкоски/ фото: Драган Митерски/Слободен печат

Политичките маски, тренд од 80-те

И маските добиваат своја еволуција, од столетие во столетие креативноста се менува, инспирацијата добива поинаков акцент.

-Во минатото василичарите создавале маски од природни материјали, коски, кожа, трева, природа, во современи услови креативноста преминува во поинаква димензија. Денес ќе сретнете софистицирани креации, модерни маски, а некаде пред 30 години се појавуваат и политичките маски кои ја отсликуваат моменталната политичка состојба низ сатира – објаснува тој.

Со Ќушкоски правиме ретроспектива на Вевчанскиот карневал, а тој во разговорот со нас споделува не толку познати фасцинантни факти и моменти. Погледнете го целиот разговор на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Анкета на Вевчански карневал: Која маска беше најдобра?

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Вевчани не е Венеција, ама има гондола, Мијалков од Монако на карневал, Груби игра фудбал

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот