Вевчански карневал / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Вевчани не е Венеција, ама има гондола, Мијалков од Монако на карневал, Груби игра фудбал

„Нека е за многу години“, се слушаше на сите страни во Вевчани. И покрај лошите временски услови, селото се наполни со стотици посетители. Сите дојдени да ја почувствуваат надалеку прочуената магија на карневалот на кој антрополозите од светот се воодушевуваат, туристите се восхитуваат, домаќините се веселат. Расположените василичари од најмалиот до највозрасниот, и мажи и жени, девојки и млади момчиња преку хуморот и сатирата ја продолжуваат вековната традиција – Вевчански карневал.

Вевчанци се свесни за вредноста и значењето на најстариот карневал во Европа, кој како аманет им е оставен од нивните предци, се верува дека на ова тло и пред повеќе од 15 века се случувал овој фестивал. Со месеци ги подготвуваат маските за кои се грижат и до најситниот детаљ.

И ако ги прашате вевчанци дали се маскираат секоја година, секој еден ќе ви одговори потврдно дека од најрана возраст учествува на карневалот.
Денес покрај стандардните маски коишто ги гледаме секоја година како зетот, невестата и глупавиот Август, политиката, светските случувања, актуелностите се главна инспирација за маските на василичарите да го насмеат народот.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Артан Груби, неколку министри, премиерот Христијан Мицкоски, беа инспирација за една од групните маски да биде фудбалски тим од политичарите. Сашо Мијалков не само во Монако, туку и во Вевчани пристигна со црвено „ферари“. „Мајмуните“ од Вевчани беа главната атракција за публиката, но уште неколку групни маски го привлекоа вниманието, како што се војската на змејовите, чудовишта од подземниот свет, градежниците, ѓаволите, обложувалницата, лозарите …

– Оваа маска ја направивме за неколку денови, но во нас тлее веќе подолго време. Ова е всушност секојдневието на вевчанци. Пенушките ни се од најстарата сорта, најотпорната и ќе имаме квалитетно и весело грозје и годинава – вели лозарот за „Слободен печат“.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Доминираат страшните маски со кои се протерува злото, а се повикува среќата и доброто. Но ќе сретнете и многу смешни маски, креативноста на василичарите преку хумотор и сатирата на пиедесталот е незаменлива.

– Ние сме вевчанска гондола, ги возиме туристите угоре – удолу. Не сме ние како во Венеција, ние бесплатно ќе ве повозиме ако сакате – вели еден василичар.

Грациозноста на некои од маските воодушевува, оддалеку ќе забележите како некои од нив се погрижиле за ситни детали, за да ја прикажат совршеноста и автентичноста до бескрај преку маската. Една од најпрецизно изработените маски кои воодушевува со својата појава е маската чудовишта од подземниот свет.

– Ние сме чудовишта од подземниот свет и само на 13 и 14 јануари доаѓаме меѓу луѓето. На маската работевме околу три месеци. Користевме многу материјали од пур-пена, стиропор, но позајмивме и многу работи од природата. Ние не сме оттука, но го сакаме и поддржуваме Вевчанскиот карневал – рече василичарот.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Го сретнавме и Пинокио со не многу голем нос, тоа нè изненади, па прашавме за што се работи.

– Не лажам многу во последно време бидејќи се надевам на подобро утре, но затоа еве го списокот на тие коишто лажат наместо мене – рече тој покажувајќи ни список со имиња на политичари.

Древниот начин за славењето на Стара нова година и дочек на Василица одбележан и во 2025 година, прекрасно, во друштво на веселите василичари.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот