ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Иво Ранѓеловиќ: Народот чувствува дека СДСМ сè уште не ја платил казната
Очигледен е тој бран на кој јава владиното мнозинство и тоа е сосема легитимно, барем во услови на македонска демократија. Сметам дека веројатно народот чувствува дека СДСМ сè уште не ја платил казната која, условно кажано, ја заслужува за целокупното нивно владеење во текот на седумте години. Не е толку страшно да имате толкава разлика, не е толку страшно да имате таков бран, тоа што е страшно или каде е проблемот е трендот против Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, а истата таа партија не прави ништо за да го промени тоа. Помалиот број гласови за ВМРО-ДПМНЕ, со кои, пак, се фали СДСМ, не мислам дека е најважната варијабла во математиката, но многу интересно барам во тој контекст, е дека тоа се гласови што претходно биле за ВМРО-ДПМНЕ, а денес не се, значи тие луѓе чувствуваа некаква огорченост, незадоволство и тоа е природно, бидејќи политиката покрај сè е и некаква математика. Не знам дали е соодветно да се споредуваат овие резултати со тоа кој би бил евентуалниот лидер во опозицијата, бидејќи на парламентарни избори веројатно би била друга сликата. Но, ако така гледаме, треба апсолутно да ги гледаме гласовите, односно кумулативот на гласови каде што повторно СДСМ е предводник на опозицијата. Не е страшно вие да го допрете дното во политиката. Страшно е ако не ви доаѓа памет и не работите на тој план. Тука јас ја гледам вината, вели политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“, Ранѓеловиќ истакнува дека најпозитивниот тренд од првиот круг на локалните избори во Македонија е тоа што во вториот круг за избор на градоначалник на главниот круг влегоа млади луѓе.
– Во вториот круг во Град Скопје имаме двајца релативно млади ликови и тоа го поздравувам. Борбата овој пат е меѓу луѓе што не се присутни 20-30 години на политичката сцена и тоа ме радува без разлика кој и да победи – вели тој.
Сепак, аналитичарот не верува дека предноста на Орце Ѓорѓиевски е надоместлива во вториот круг и покрај добро водената кампања на неговиот противкандидат Амар Мециновиќ.
– Би истакнал дека Амар имаше многу интересна кампања, барем за мојот вкус, и тоа можеби е субјективно. Тие пораки испратени од него беа многу интерактивни, пријатни да се слушнат, дури и да не го сакате кандидатот и да не гласате за него. Додека од другата страна, Орце Ѓорѓиевски има една сериозна машинерија зад него, веројатно луѓето во Кисела Вода се задоволни од тоа како ја предводел општината и можеби тоа е резултат што му дава и ваква предност. Лично сметам дека е многу голема предноста за да биде надоместена и тоа не е најголемиот проблем. Најголемиот проблем е што народот претежно во Македонија и конкретно во Скопје не е спремен за промена – констатира Ранѓеловиќ.
Тој со жалење оценува дека по три децении демократија, во кампањата во пресрет на локалните избори доминираа ветувањата на кандидатите за чистење на ѓубрето од улиците и натрупаните контејнери.
– Денес граѓанството во Македонија, заедно со политичарите, учествува во сопствената беда. Во креирање на сопствената беда. Гледам дека граѓаните се спремни и преку купови ѓубре да газат за да отидат на избори и да заокружат за партијата во која гледаат интерес – додава Ранѓеловиќ.


