ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Човекот што го направи најдолгиот ролат во светот во Скопје: Го мотаа 240 раце!
Во рамките на 10. Недела на италијанската кујна во Скопје, се одржа ексклузивен мастерклас посветен на уметноста на сицилијанското слаткарство, предводен од познатиот слаткар маестро Лило Дефраја. Неговото име е познато по тоа што го има направено најдолгиот ролат на светот.
Препорачано
-Имам шест Гинисови рекорди, но секој ден продолжувам да се предизвикувам себеси. Секој ден се обидувам да постигнам нов рекорд. Моментално го имам рекордот за најдолго каноли во светот и најдолгиот ролат во светот. Овие рекорди не ги постигнав сам, туку со помош на моите колеги. Имам голем тим којшто работи со мене и благодарение на нивната посветеност успеваме успешно да ги реализираме сите настани – вели за „Слободен печат“ маестро Дефраја.
Вистински спектакл бил процесот на изработка на овој ролат, се присетува тој.
-Многу беше интересен процесот на подготовка на најдолгиот ролат на светот, бидејќи во подготовката учествуваа 120 луѓе, односно тоа се 240 раце, кои успеаја да направат ролат од 303 метри должина и 33 сантиметри ширина. Сите паралелно го замотуваа тој ролат, можете да замислите? Тоа беше импозантна глетка, глетка која навистина оставаше без здив – вели Дефраја.

Дефраја е водечка фигура во индустријата на слатките веќе речиси шеесет години, тој е добитник на престижни институционални награди, вклучувајќи ја и Ѕвездата за посебни заслуги во работата, орден доделен од Претседателот на Италијанската Република, како и неодамнешната награда Honos 2025.
Оваа година фокусот на Недела на италијанската кујна беше ставен на сицилијанските слатки кои се автентичен симбол на вековните традиции, но и едни од водечките кулинарски брендови „Произведени во Италија.
Еден од главните учесници беше и шеф слаткар Џовани Манџоне, реномиран дизајнер на торти специјализиран за уметнички, современи и монументални торти, кој носи креативна визија способна да спои техника и иновација, со кого имавме прилика да поразговараме.
-Со огромно задоволство ја прифатив поканата, благодарен сум што ме поканија да бидам дел од оваа работилница. Дeнеска пред публиката ја претставивме кујната на Сицилија.
Овде ги донесовме сите слатки, ароми, бои и мириси на нашата земја, притоа направивме балансирање на шеќерот којшто е многу застапен во нашите колачи. Се обидовме традиционалното да го адаптираме во здрави современи десерти. Па така, направивме некој баланс помеѓу начинот на кој се прават традиционалните десерти од минатото и современите, и во сите рецепти ги намаливме шеќерот за речиси 40%. Многу се забавуваме, си поминавме одлично, се надевам дека ќе дојдеме повторно во Скопје-рече шеф Манџоне.

Ова е најголемата манифестацијата посветена на италијанската кујна во светот. Оваа година, настаните беа посветени на темата „Италијанска кујна: здравје, култура и иновации“. Манифестација е особено значајна денес, во време кога италијанската кујна го доби првото зелено светло во процесот да биде признаена како нематеријално културно наследство од страна на УНЕСКО, притоа зајакнувајќи ја вредноста на нејзиниот културен идентитет и нејзината неодвоива социјална димензија. Ова десетто издание, организирано од Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со Италијанската Трговска Агенција.


