ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Антонио Велковски, нутриционист: Редно е да го модернизираме постот
Здравата исхрана сè повеќе станува дел од секојдневието на многу семејства. Младите родители се обидуваат оброците на своите деца да ги направат со здрави состојки, а брзата храна станува реткост на менито. На социјалните мрежи многу често се појавуваат видеа со здрави рецепти коишто можете да ги приготвите дома, но и совети од нутриционисти и тренери за заменски намирници со кои внесувате нутритивни вредности, а сепак, оброкот е вкусен.
Препорачано
Но, што е здрава храна? На оваа тема на поопширен начин бараме одговори од познатиот нутриционист Антонио Велковски.
Во пресрет на големиот божиќен пост, со Велковски ја начнавме и темата за постење. Како што вели тој, не мора да се држиме до традиционалните посни оброци, лепезата е многу поголема.
– Христијанскиот пост е добар начин за да се воведе повеќе зеленчук и овошје во исхраната и да се релаксира организмот со храна што е полесна за дигестивниот систем. Но, многу е важно и оваа храна да биде разновидна, ако јадеме секој ден компир, постиме, но тоа не е здраво. Преку постот можеме да се потсетиме на наши традиционални јадења, па ние го забораваме нашето тавче-гравче во текот на годината, а кога доаѓа овој период го имаме во изобилство. На нашето поднебје ги имаме и леќата, грашокот, многу зеленчуци коишто ни се достапни и во зима, па од нив не само манџа, можеме да направиме и превкусни намази. Посната храна не мора да е здодевна, можеме да ја модернизираме и да се направи вкусна – вели Велковски.

Мешањето на млечни и месни производи за Велковски не е грев.
– Воопшто не е проблем да се мешаат различни избори на протеини, човечкиот организам е доволно комплексен за да ја разложи таа храна. Многу луѓе имаат погрешен став за тоа, дека кога ја јадеме храната, таа има различна брзина на варење и се создава некаков закочен сообраќај во организмот. Не е така, ние прво ја џвакаме храната, па потоа таа се меша со желудочната киселина. По тој процес храната на станува течност и тука остануваат само компонентите од храната. Во текот на нејзиното движење во дигестивниот тракт, храната постепено се разложува, па така нема логика да се размислува што се варело побрзо, а што побавно, верувајте ми, организмот ќе се снајде – вели тој.
Со Велковски ја отворивме и темата за правилен избор на ужина, како и за најчестите грешки при диетите, а воедно продискутиравме и за ставот дека чија пудингот е помалку калоричен од сендвичот. Што мислите вие дали е тоа така? Погледнете како нашиот соговорник го објаснува овој пример.

Ова е еден корисен разговор кој, веруваме, ќе ви биде забавен да го проследите на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.


