Абил Бауш - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Абил Бауш - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Абил Бауш: Државата не треба да бара добра волја од трговците, треба да има механизми за заштита

Во ера на дигитализација, кога податоците се достапни речиси во реално време, не може државата само да бара добра волја од компаниите. Треба да се утврди дали има нефер трговски практики и тие соодветно да се санкционираат, вели Бауш. Тој потенцира и дека Владата не смее да крене раце од преговорите за минимална плата

Веќе сме при крајот на втората недела откако почнаа воените интервенции во Иран и со тоа се отвори ново геополитичко жариште, кое веднаш имаше силно влијание врз економијата, а тој бран многу брзо стигна и кај нас. Се зголемија цените на горивата, а веќе е забележан раст на цените и на сите други производи. Економскиот аналитичар Абил Бауш вели дека нефер практиките се многу воочливи и потенцира дека во ера на дигитализација, не е време за преговори меѓу Владата и трговците, туку за прецизно следење на параметрите и високи казни за оние што ја злоупотребуваат состојбата. Бауш во интервјуто за „Слободен печат“ се осврна и на поголемите даноци што ќе се наплатат како резултат на поскапувањата и рече дека сега е време кога Владата треба да пресече дали ќе ги намали акцизите и даноците за да народот има повеќе пари, или повеќе ќе го полни буџетот, а потоа тие пари ефикасно ќе им ги врати на граѓаните. Но, Бауш забележува дека досегашната практика покажала дека системот на враќање пари не е многу ефикасен.

– Владата треба да биде предводник на стратегиски политики однапред. Не треба да се чека да влеземе во криза, па дури потоа да почнеме со одредени мерки. Кога кризата ќе се појави, треба веќе да имаме изградена добра инфраструктура и механизми што ќе го ублажат ударот. Но, мора да признаеме и нешто друго – ние сме мала држава и многу сме чувствителни на секој глобален феномен. Но, на пример, можеме да обезбедиме помала зависност од храна, а притоа субвенционирањето да биде такво што ќе даде ефект. Исто, така треба да размислуваме за државни резерви што ќе покриваат период од 90 дена – вели Бауш.

 Како толку брзо снема гориво на пумпите?

Бауш особено забележа на измената што ја направи Регулаторната комисија за енергетика во врска со правилникот за пресметка на цените на нафтените деривати, со која стриктно се одреди дека тие ќе се формираат еднаш неделно, секој понеделник. Тој посочува дека кога коригирањето на цените би се правело како што се правеше – односно да имаше нова цена секогаш кога имаше одредено нарушување на цените на дериватите на одредените берзи, тогаш немаше да снемува бензин и ќе се намалеше паниката кај граѓаните.

– Граѓаните со право поставуваат прашање: како е можно толку брзо да „снема“ гориво на бензинските пумпи? Или како одеднаш се покачуваат цените на основните производи во маркетите, кога набавките не се прават од ден за ден? Така се создава и чувство на паника. Но, во ера на дигитализација, кога податоците се достапни речиси во реално време, не може државата само да бара добра волја од компаниите. Треба да се утврди дали има нефер трговски практики и тие соодветно да се санкционираат. Кога зборувам за санкции, не мислам само на симболични казни. Треба да се гледа колкав профит или промет остваруваат компаниите и според тоа да се утврдат казните – вели Бауш.

 

 Работниците треба да имаат поголеми плати

Тој истакнува дека граѓаните треба да имаат повисоки плата и за да пребродат вакви состојби, но и за да има развој на економијата. Затоа што, како што потенцира, зголемената куповна моќ значи повеќе пари за сите – и за народот, и за производители, и за трговците и за буџетот. Сепак, тој вели дека е несериозно да каже дали тоа треба да бидат 600 евра, како што бара Сојузот на синдикати, затоа што требаат прецизни пресметки.

– Минималната плата треба да биде плата што нема да дозволи работникот да биде сиромашен. Но, за тоа ни треба јасен индикатор – потрошувачка кошничка – нагласува тој.

Во многу земји постојат повеќе типови кошнички – минимална, оптимална и луксузна – кои служат како основа за креирање на економските политики.

– Кај нас Државниот завод за статистика порано ја пресметуваше потрошувачката кошничка. Прашањето е зошто тоа не се прави повторно. Без таков индикатор, дебатата за минималната плата често се сведува на политички ставови, а не на економски аргументи. Во моментов слушаме две спротивставени страни – синдикатите и работодавачите. Владата вели: договорете се меѓу себе. Но, тоа не е фер пристап. Арбитерот треба да постави правила на игра. Ако имаме јасни параметри – минимална, средна и луксузна потрошувачка кошничка – тогаш ќе имаме многу подобри политики, и во фискалната, и во монетарната, и во социјалната сфера – вели Бауш.

Абил Бауш - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Абил Бауш – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Нема индиции за криза во финансискиот сектор

Геополитичките тензии често носат ризик од нови финансиски потреси. Но, според Бауш, засега нема индиции дека кризата би се прелеала во финансискиот сектор.

– Европската економија веќе влегува во фаза на закрепнување, особено германската економија. Поради тоа не очекувам централните банки повторно нагло да ја затегнуваат монетарната политика – оценува тој.

Во Македонија, додава тој, монетарната политика во моментов е релативно стабилна, но инфлацијата останува фактор што треба внимателно да се следи.

Во секоја криза постојат и можности

Иако геополитичките тензии создаваат неизвесност, тие можат да бидат и поттик за економски промени.

– Во секоја криза има и можности. Нашата стратегиска цел треба да биде да создадеме компании што ќе бидат конкурентни на регионалниот и на европскиот пазар. За жал, сè уште имаме голем трговски дефицит дури и кај производи што можеме сами да ги произведуваме, како дел од земјоделските производи – заклучува Бауш.

Според него, вистинскиот предизвик за Македонија не е само како да ја преживее следната криза, туку како да изгради економија што ќе биде поотпорна на глобалните потреси.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Марјан Петрески, универзитетски професор: Нема да се случи ценовен шок и прекин во снабдувањето со нафта

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот