ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Марјан Петрески, универзитетски професор: Нема да се случи ценовен шок и прекин во снабдувањето со нафта
Неодговорно е да излегуваме со панични изјави дека следува ценовен шок, дека тој ќе се пренесе на сите производи, дека ќе имаме нова инфлација од типот на таа што ја видовме во 2022 година. Такво нешто нема да се случи или е многу мала веројатноста, вели Петрески
Ризици има, но тензијата на Блискиот Исток не се очекува да предизвика ценовен шок, ниту, пак, да се појави недостиг на енергенти, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески во интервјуто за „Слободен печат“. Тој укажува дека со оглед на нашата увозна зависност, промените на цените веднаш ги гледаме и во нашата земја. Во јануари забележавме благо олабавување на инфлацијата и професорот очекува таков податок и за февруари, но за да се избориме со нејзината упорност, предупредува дека влијание немаат само надворешните, туку и внатрешните фактори.
Препорачано
– Тензијата на Блискиот Исток не е нова. Тоа е разликата со конфликтот Русија – Украина и со пандемијата. Имаме ескалација на тензија што постоеше подолго време меѓу САД, Израел, па слободно може да кажам и Западот од една страна, и Иран од друга страна. Ако ги погледнеме пазарните движења во изминативе денови, забележуваме една умерена реакција. Има зголемување на цената на енергентите, гасот отиде нагоре позначително, додека цената на нафтата има поумерено зголемување. Цената на нафтата „брент“ се зголеми од 72-73 долари за барел во петокот, пред почетокот на конфликтот, до 80 долари денес. Тоа е зголемување, но не е драматично. Ако ги погледнеме берзите, ќе видиме дека тие по една блага негативна реакција во понеделникот и повеќе во вторникот, во средата веќе се вратија на нивото од петокот – вели Петрески.
Ваквата реакција на пазарите, вели Петрески, е поради тоа што пазарите веќе претходно ги зеле предвид информациите што постоеја за постојната тензија помеѓу Иран, САД и Израел од друга страна.
– Неодговорно е сега ние да излегуваме со панични изјави дека следува ценовен шок, дека тој ќе се пренесе на сите производи, дека ни следува нова инфлација од типот на таа што ја видовме во 2022 година. Не, такво нешто нема да се случи, не очекувам да се случи или е многу мала веројатноста. Дополнително, да напоменам тука дека таква попанична реакција на пазарот можеби би се случила доколку дојде до прекин во снабдувањето со енергенти, но такво нешто во моментот нема. Дури и Трамп, преку објава на Твитер и на Фејсбук, кажа дека ѝ наредил на Развојната финансиска корпорација на САД да издава гаранции за фирми што што вршат транспорт, односно изнесуваат нафта од Персискиот Залив понатаму во светот, и дури кажа дека ќе овозможи придружба на танкерите од американската морнарица доколку такво нешто биде побарано – објаснува професорот.

Тој вели дека централните банки ценат дека инфлација од 2 проценти значи целосно стабилизирање на цените. Според последните податоци за јануари, нашата годишна инфлација е 3,2 проценти, а на месечни нивоа бележи пад од 0,7 проценти.
– Тоа беше позитивен знак. Деновиве ќе излезе февруарската инфлација, очекувам дека таа динамика е задржана. Во поглед на домашните извори на инфлација, неопходна е многу голема внимателност за да може упорноста на инфлацијата да се собори во текот на оваа година. Да, платите треба да растат и тие треба да го зачуваат животниот стандард на населението, меѓутоа треба да се оневозможи тие да притискаат и понатаму на потрошувачката на начин на кој инфлацијата ќе остане перзистентна, односно упорна, и нема да може да се собори без оглед на тоа што монетарната политика е соодветно поставена на ниво на доволна затегнатост во контекст на тековните услови – вели Петрески.
Петрески упатува смирувачки тонови во однос на надворешниот долг како и во однос на новите задолжувања и анализира дека нашата економија сè уште не е на ниво да креираме буџетски суфицит за да можеме сами да ги отплатуваме долговите, односно уште ни требаат пари за развојни проекти, поради што во буџетот планираме буџетски дефицити.
– Долгот што ќе се искористи паметно за да се подигне производниот капацитет на економијата, ќе ѝ овозможи на таа економија во иднина полесно да го отплати тој долг – порачува професорот.
Сега, според Петрески, не е реално ни да зборуваме за економски раст од 5 проценти, нешто што е често експлоатирана бројка, туку треба да се работи на развој на институциите, на човечкиот капитал и на градење инфраструктура во широка смисла на зборот за да се доближиме среднорочно до стапката на раст од 5 проценти и таа да биде конзистентна и одржлива.


