ВИДЕО | Жители на Батинци тврдат: од 100 куќи, 24 мртви и девет заболени од карцином за неколку години

Маркова река / Фото: ,,Слободен печат'' / Методиј Здравев

Точно се гледа од каде доаѓа водата. После секој дожд е исто. Дали ја испуштаат намерно водата или не, неможеме да кажеме, но состојбата е алармантна. Смрди многу како што можете да почувствавате, а се гледа и дека после испустот нема ниту риба ниту жаба. Пријавивме во Инспекторатот за животна средина, беа на терен и сега го очекуваме епилогот- вели Сених Браховиќ.

Слободен печат во Батинци на местото каде завчера од испустот од Дрисла поцрне Маркова река. И денес, иако се поминати два дена по инцидентот, смрдеата беше неподнослива, а наноси од ѓубре беа видливи насекаде. Црнило се уште се гледа, а камењата во реката остануваат потемнети неми сведоци за тоа што се случуваше пред два дена. На снимките кои се направени од приватен имот кој што се граничи со Дрисла се гледа дека депонијата е неоградена, а кучиња се шетаат по ѓубриштето и се хранат. По патот кон депонијата сретнавме неколку камиони со ѓубре кои беа отворени, непокриени, иако правилата за транспорт на ѓубре се строго пропишани.

Маркова река / Фото: ,,Слободен печат” / Методиј Здравев

Државниот инспекторат за животна средина ќе ја санкционира депонијата Дрисла за завчерашниот инцидент со испуштање на вода од базените на Депонијата. Директорот на инспекторатот Сретен Стојковски за „Слободен печат“ вели дека симптоматично е што за два дена на депонијата имало два инцидента, испуштање на вода, а потоа пожар. Се чекаат резултати од лабараторија за водата која што е земена од реката, а кои треба да бидат готови за една недела.

Маркова река / Фото: ,,Слободен печат” / Методиј Здравев

Сених Браховиќ од Батинци кој завчера го снимаше инцидентот вели дека ова се случува скоро после секој дожд. Според него, труењето од Дрисла е континуирано, а смрдеата од депонијата во Батинци е секојдневна.

– Точно се гледа од каде доаѓа водата. После секој дожд е исто. Дали ја испуштаат намерно водата или не, не можеме да кажеме, но состојбата е алармантна. Смрди многу како што можете да почувствавате, а се гледа и дека после испустот нема ниту риба, ниту жаба. Пријавивме во Инспекторатот за животна средина, беа на терен и сега го очекуваме епилогот- вели Браховиќ.

Депонија Дрисла / Фото: ,,Слободен печат” / Методиј Здравев

Тој објаснува дека од таа вода пие и цела стока од селото. Сених додава дека загадувањето е енормно и заедно со невладина организација синоќа поставиле читачи на воздух кои ќе може да алармираат кога истото ќе биде над дозволеното ниво. Читачите се поставени насекаде низ селото, а за резултатите ќе зборуваат јавно.

– Од 100 куќи колку што сме на главната улица, за неколку години има починати 24 лица и девет од нив се болни во момнетов од карцином. Најголем дел се починати од карцином на бели дробови, но има и кожни карциноми, рак на простата. За трагедијата да биде поголема, две од починатите се деца, едно на 13 и едно на 15 години – вели Браховиќ.

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски вели дека инцидентите се пријавени и земени се мостри од Маркова река.

Сених Браховиќ / Фото: ,,Слободен печат” / Методиј Здравев

– Излеговме на терен, примероците се испитуваат, а резултати очекуваме за една недела. Дали исцедокот е од базенот на Дрисла или е од прелевање поради порој, дополнително ќе се утврдува. Ќе ги почекаме резултатите и секако Дрисла ќе биде санкцинирана – вели Стојковски.

Целата работа започна пред два дена откако кога на социјалните мрежи се појави видео во кое се гледа дека наместо вода низ Маркова река тече црна мрсна течност. Граѓаните на Батинци се крајно изреволтирани и велат дека доколку нема санкции за Дрисла, на 15 септември ќе има масовен протест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот