Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Зеленски нуди дронови, Трамп се двоуми – ќе го добие ли Киев оружјето што ќе го смени текот на војната?

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Зеленски во четвртокот пристигна во посета на САД, за време на која со Трамп ќе разговара за можниот трансфер на ракети „Томахавк“ кон Украина, за зајакнување на украинската противвоздушна одбрана и за плановите на Украина да започне офанзива.

Трамп: Го сакам решавањето на војни

Трамп изјави дека е „претседател-посредник“ и додаде дека „сака да решава војни“.

– Посредувам во ситуација која не е лесна… Многу е полесно кога луѓето се разбираат, кога се собираат, кога си се допаѓаат меѓусебно. Ние немаме таква ситуација – изјави тој за новинарите.

Трамп потоа зборуваше за своите посреднички напори во различни конфликти низ светот.

– Ова е број девет. Во ред, ова ќе биде мојот деветти случај. Решив осум, вклучувајќи го и Блискиот Исток… Не ја добив Нобеловата награда… па таквите работи не ме интересираат. Мене ми е важно само спасувањето животи. Но ова ќе биде број девет – рече Трамп.

Зеленски: Ви нудиме дронови во замена за „Томахавци“

Како одговор на едно од прашањата на присутните новинари, Зеленски изјави дека Украина е подготвена да ѝ понуди на САД дронови во замена за ракети со долг дострел „Томахавк“.

Тој сугерира дека Украина би можела да ѝ обезбеди на Америка „илјадници дронови“ доколку Вашингтон ѝ дозволи да ги користи ракетите „Томахавк“.

– Значи, таму каде што можеме да соработуваме, каде што можеме да ја зајакнеме американската продукција – рече тој и додаде: – Имаме голема понуда кога станува збор за нашите дронови.

Трамп беше прашан дали би бил заинтересиран за овој договор.

– Да, би биле заинтересирани – одговори тој и додаде: – Моментално имаме многу дронови. Ги правиме своите, но купуваме и од други, а тие (Украинците, н.з.) произведуваат многу добри дронови.

Зеленски: Треба да седнеме и да разговараме

На прашањето на новинарите дали е подготвен да направи отстапки за да се стави крај на војната во Украина, Зеленски рече дека пред сè „треба да седнеме и да разговараме“.

– Втора точка, ни е потребно примирје. Дури и сега гледате на Блискиот Исток дека е многу тешко да се одржи примирје – наведе Зеленски.

Тој додаде дека е „подготвен да разговара во кој било формат“.

– Билатерално, тристранo – не е важно. Само мир. Тоа е важно – нагласи украинскиот претседател.

Состанок во Будимпешта само за САД и Русија

Трамп изјави за време на средбата со Зеленски во Вашингтон дека претстојниот состанок со рускиот лидер Владимир Путин во Будимпешта, во Унгарија, ќе биде само за двете земји, но напомена дека САД ќе останат во контакт со Зеленски.

– Тоа ќе биде двострана средба. Но, претседателот ќе остане во контакт со Зеленски. Постојат многу лоши односи меѓу двајцата претседатели и не претерувам кога го велам тоа – порача Трамп, пренесува CNN.

Трамп: Никогаш не се знае

Трамп не изнесе став на прашањето дали Украина ќе мора да отстапи делови од својата територија како дел од мировниот договор со Русија.

– Никогаш не се знае. Војната е многу интересна. Никогаш не се знае. Едноставно никогаш не се знае, со војна, со мир… никогаш не се знае – нагласи Трамп.

Трамп покажа двоумење околу ракетите „Томахавк“

Како што јавува „Гардијан“, американскиот претседател покажал двоумење околу снабдувањето на Украина со ракети „Томахавк“.

„Една од причините зошто сакаме оваа војна да заврши е… што не ни е лесно да ви дадеме… огромна количина многу моќно оружје… Се надеваме дека нема да им биде потребно. Се надеваме дека ќе можеме да ја завршиме војната без да размислуваме за томахавците“, изјави Трамп.

Додаде: „Ќе разговараме за томахавците и многу повеќе би сакале да им не бидат потребни. [Ние] многу повеќе би сакале војната да заврши, искрено. Знаете, ние сме тука за да ја завршиме војната… Продаваме многу различни видови оружје, како што знаете, на Европската Унија. Но не сме тука поради тоа. Тука сме за да ја завршиме војната“.

Трамп: Ракетите со долг дострел би биле „ескалација“

Американскиот претседател Доналд Трамп беше запрашан што мисли за тоа Украина да употреби ракети со долг дострел за напади подлабоко во Русија.

– Ќе разговараме за тоа – рече тој и додаде: – Тоа е ескалација, но ќе разговараме за тоа.

Трамп: Зеленски изгледа одлично во таа јакна

Облеката на украинскиот претседател и овојпат беше една од темите во Белата куќа. Трамп одвои момент да ја пофали комбинацијата на Зеленски.

– Мислам дека изгледа одлично во таа јакна – рече американскиот претседател.

ФОТО | Зеленски пристигна во Белата куќа – историска средба што може да ја смени војната

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот