ВИДЕО: Второлигашот Вардар пред пет години избори пласман во групите на Лига Европа

Вардар со две победи го елиминираше турскиот гигант Фенербахче/Фото: /EPA-EFE/ERDEM SAHIN

На денешен ден 24 август 2017 година фудбалскиот клуб Вардар стана прва македонска екипа која успеала да обезбеди настап во групна фаза во едно од клупските натпреварувања под капата на УЕФА.

„Црвено-црните“ во сезоната 2017/2018 во второто квалификациско коло во Лигата на шампионите играа против Малме. Во Шведска резултатот беше 1:1, а на реваншот (кој се играше во Струмица поради подготовките за УЕФА Суперкуп мечот во Скопје), Вардар славеше со 3:1.

Во третото квалификациско коло на ЛШ Вардар на првиот меч славеше во Скопје против Копенхаген со 1:0, но таа позитивата не беше доволна, па на возвратната пресметка во Данска, ривалот славеше со 4:1.

Играчите на тогашниот тренер Чедомир Јаневски во плеј-офот на Лига Европа за противник го имаа турскиот гигант Фенербахче.

На првиот дуел во Скопје на 17 август 2017 составот на Вардар победи со 2:0, а седум дена подоцна на 24 август 2017 беше испишана историја во Истанбул каде исто така триумфираше Вардар со 1:2 со головите на Џигаури и Глигоров.

Со вкупни 4:1 беше урнат Фенербахче и на тој начин беше обезбеден влез во групите на Лига Европа. „Црвено-црните“ беа во последната група „Л“ во која за противници ги имаа Зенит Ст. Петерсбург, Реал Сосиедад и Розенборг. Учинокот беше пет порази и едно реми, единствениот бод го имаа дома против норвешкиот Розенборг (1:1).

По заминувањето на сопственикот Сергеј Самсоненко, клубот влезе во големи финансиски проблеми, со долгови кон играчите. Рускиот бизнисмен тогаш најави во неколку наврати дека финансирањето на клубот претставува голем товар и дека истиот е многу тешко да се издржи. Сето тоа влијаеше и врз резултатите на екипата која падна во понизок ранг и веќе втора година по ред настапува во Втората лига.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот