Стокхолм - Фото: Pexels

ВИДЕО | „Венеција на Северот“ освојува на прв поглед — градот на 14 острови опива со својата убавина 

„Венеција на Северот“, како што уште го нарекуваат Стокхолм, е сместен на 14 острови меѓусебно поврзани со мостови, а воедно е и еден од најзелените градови во Европа. Главниот и најнаселен град на Кралството Шведска ги „повикува“ туристите од целиот свет со својата недопрена природа, историја и енергија која тешко се опишува со зборови.

Од архипелагот со 30.000 острови, преку зачуваниот стар град, кристално чистите езера, пријатните кафулиња и калдрмисаните улици, па сè до подземните „уметнички галерии“, оваа дестинација опива со својот скандинавски шарм.

Пред да тргнете кон северот, изберете го годишното време според вашите желби. Зимите овде се ледени и снежни, а пролетно-летните денови се облеани со светлина дури и до доцните вечерни часови. Не чудете се ако во декември доживеете целосен мрак попладне, или ако имате проблем со спиењето во јулските ноќи бидејќи мрак нема ни на повидок.

Стокхолм – Фото: Pexels

Подгответе се да плаќате исклучиво со картичка, бидејќи готовина ретко каде се прифаќа. Официјална валута е шведската круна, а Стокхолм не спаѓа во редот на евтини градови за туристите.

Метрото, освен феноменалната поврзаност, претставува вистинско „уметничко богатство“. Секоја станица е препознатлива по различен дизајн, што чекањето превоз го претвора во уживање. Иако сè функционира совршено, многу натписи и патокази не се на англиски јазик, па снаоѓањето може да биде збунувачки.

Градот навистина изгледа кралски. Стокхолмската палата е една од најголемите во Европа (со повеќе од 600 простории) и се наоѓа во стариот дел на градот, Gamla Stan. Туристите често присуствуваат на церемонијата на смена на стражата која изгледа како филмска сцена.

Меѓу музеите особено се издвојува „Vasa“, посветен на истоимениот воен брод од 17. век, кој потонал на своето прво патување, а денес е речиси целосно зачуван. Тука е и музејот посветен на легендарната група „ABBA“, каде посетителите можат да пеат и да снимаат на бината.

Спој на природата и урбаното

Најпознатиот остров-парк во центарот на градот, „Djurgården“, е идеален за прошетки или велосипедизам. Стокхолм е една од најчистите метрополи во светот, а поради својата големина често го нарекуваат „најмалиот голем град на светот“.

Важни правила

Доколку планирате да се опуштите со алкохолен пијалак, имајте на ум дека купувањето алкохол во обичните продавници е забрането. Тој се продава само во специјализирани државни продавници или во кафулиња и ресторани.

Гастрономија

Национално јадење на Шведска се ќофтињата (köttbullar) кои традиционално се послужуваат со пире од компири, кремаст сос и џем од брусница. Секако, поради долгата традиција, морските плодови се неизбежен дел од понудата.

Стокхолм дише на својствен начин, со раширени раце ги прифаќа гостите, но не се менува за никого и си го чува своето „ја“. Подгответе се за многу емоции и импресии, бидејќи овој град е вистински магичен лавиринт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот