Ураганот Мелиса ја удира Јамајка/Фото: EPA/RUDOLPH BROWN

ВИДЕО | Ураганот Мелиса ѝ се заканува на Јамајка, тројца загинати во поплавите и свлечиштата

Поројни дождови и силни ветрови ја погодија Јамајка додека се приближува ураганот Мелиса, најсилниот во историјата на земјата, заканувајќи се да предизвика катастрофални поплави и лизгање на земјиштето, а регистрирани се и три смртни случаи.

Ураганот Мелиса, проследен со ветрови што достигнуваат брзина од 280 км/ч, е класифициран како категорија 5 – највисоко ниво на петстепената скала Сафир-Симпсон – и се очекува да ја погоди Јамајка денес.

Премиерот Ендру Холнес предупреди на ризикот од големи штети, особено во западниот дел од земјата.

„Не мислам дека која било инфраструктура во таа област може да издржи циклон од категорија 5, па затоа може да има значителни штети“, изјави тој за Си-Ен-Ен, повикувајќи ги жителите да бидат внимателни за да ги заштитат своите семејства со евакуација на областите со најголем ризик.

Но, многу жители ги игнорираат упатствата на властите и остануваат дома.

„Едноставно не сакам да си одам“, изјави за АФП Џенифер Рамдијал, рибарка во Порт Ројал, мал историски град во близина на главниот град Кингстон.

„Дури и да беше од категорија 6, не би си заминал “, рече Рој Браун, водоинсталатер и плочкар, иако скалата Сафир-Симпсон е скала од пет степени. Тој објасни дека многу жители одбиваат да ги напуштат своите домови поради лошите искуства што ги имале во претходните засолништа поставени од властите.

Ураганот Мелиса веќе предизвика четири смртни случаи во Хаити и Доминиканската Република.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ОКОТО НА УРАГАНОТ:

Последниот голем ураган што ја погоди Јамајка беше Гилберт во септември 1988 година, во кој загинаа 40 лица и предизвика широка штета низ целата земја. Оттогаш, островот беше погоден од неколку урагани, а последен беше Берил во јули 2024 година. Неочекувано силен за своето време, однесе најмалку четири животи.

Со приближувањето на ураганот Мелиса, властите на Јамајка ги затворија пристаништата и меѓународниот аеродром во главниот град.

Ураганот се заканува и на источниот брег на Куба, јужните Бахами и островите Туркс и Кајкос .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот