ВИДЕО | Стотици луѓе останаа закопани под земја во Папуа Нова Гвинеја

Папуа нова Гвинеја / Фото EPA-EFE/NINGA ROLE

Службите за итни случаи се обидуваат да стигнат до селата погодени од масовно лизгање на земјиштето во изолираната провинција Енга во Папуа Нова Гвинеја, каде што се стравува дека загинале стотици, а можеби и илјадници луѓе.

Тим за интервенција составен од медицински и воен персонал успеа да стигне до изолираното место на одронот, објави хуманитарната агенција Кер Австралија, пренесува во саботата Би-Би-Си.

Но тешкиот терен и оштетувањето на главните патишта ги отежнуваат спасувачките напори, пристапот до автопатот е блокиран, а до областа може да се пристапи само со хеликоптер.

Одронот затрупа стотици домови во планините Енга, на северот од островската држава во југозападниот Пацифик. Засега не е познато колку луѓе останале затрупани под урнатините во свлечиштето што се случило.

Кер Австралија соопшти дека 60 домови се уништени и „сите членови на тие домаќинства во моментов се исчезнати“.

Речиси 4.000 луѓе живеат во областа каде што се случи свлечиштето.

Но, агенцијата предупредува дека бројот на погодени луѓе „веројатно ќе биде поголем“ поради приливот на луѓе кои бегаат од конфликтот во соседните области.

Амос Акем, пратеник во провинцијата Енга, за весникот Гардијан изјави дека врз основа на извештаите од теренот, „повеќе од 300 луѓе и 1.182 куќи биле затрупани во одронот“.

Тој рече дека напорите за спасување биле отежнати поради блокираниот пат што го поврзува погоденото село Јамбали со главниот град.

Има само еден автопат до провинцијата Енга. Свлечиштето создаде лизгање на земјиштето длабоко до 8 метри и зафати повеќе од 200 квадратни километри земја, „вклучувајќи 150 метри од главниот автопат во провинцијата Енга“, според Кер Австралија.

Официјалниот претставник на ОН, Серхан Актопрак, изјави за новинската агенција АП дека областа била зафатена од лизгање на земјиштето со големина од три до четири фудбалски игралишта.

Некои куќи во селото беа поштедени, рече Актопрак, но „со оглед на размерите на катастрофата“, бројот на жртвите може да биде поголем од 100.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот