ВИДЕО | Сјеница повторно ја оправда репутацијата на „Српски Сибир“ – наврнаа 40 сантиметри снег, механизацијата е немоќна
Околу 40 сантиметри снег ја покрија општина Сјеница, а врнежите и понатаму не стивнуваат. Иако градот засега е прооден, поради густа магла е прекинато расчистувањето на патиштата во селските средини, каде што состојбата е најкритична. Надлежните служби се во целосна готовност за интервенција штом ќе се подобрат временските услови.
Обилни снежни врнежи од утрово ја покрија општина Сјеница, каде снежната покривка достигнува околу 40 сантиметри, а снегот и натаму паѓа со засилен интензитет, објави „Рина.рс“.
Препорачано
И покрај сериозните услови, градското подрачје засега останува проодно, додека расчистувањето на патиштата во руралните средини е привремено стопирано поради исклучително слабата видливост.
Според изјавата на заменик-градоначалникот Радиша Кнежевиќ за агенцијата РИНА, снегот паѓа од раните утрински часови, но без присуство на ветер – околност што значително ја олеснува состојбата во споредба со претходните снежни бури. Како што посочи, низ целата општина има приближно 40 сантиметри снег, а сите градски улици редовно се одржуваат и се функционални.
Најголемите тешкотии во моментов се во селските подрачја. Поради густа магла и видливост помала од 20 метри, механизацијата не може безбедно да интервенира на локалните патишта.
„Во селата засега не интервенираме, бидејќи нема услови за работа. Реагираме само во итни случаи“, изјави Кнежевиќ, додавајќи дека општината е целосно подготвена за брза акција веднаш штом временските услови ќе се подобрат.
Тој информираше дека на располагање се околу 20 машини кои веднаш ќе бидат ангажирани за расчистување на патиштата и нормализирање на сообраќајот по престанокот на снежните врнежи.
Во текот на ноќта, дел од месната заедница Баре останал без електрична енергија, но дефектот бил брзо отстранет. Екипите интервенирале уште во утринските часови и снабдувањето со струја е целосно нормализирано, додека водоснабдувањето функционира без поголеми проблеми.
Критичниот потег кај Дуга Пољана, кој обично создава тешкотии при комбинација од силен ветер и снег, засега е стабилен. Надлежните посочуваат дека мирното време и отсуството на ветер значително ја намалуваат опасноста од сериозни проблеми.
Надлежните служби ја следат состојбата од час во час, а на граѓаните им се апелира на зголемена внимателност додека продолжуваат обилните снежни врнежи.
Сјеница и поширокиот регион, неформално познати како „Српски Сибир“, важат за најстуденото подрачје во Србија, каде суровите зими, екстремно ниските температури и високите снежни наноси се честа појава, а градот често останува целосно покриен со дебела бела покривка.


