Screenshot/YouTube

ВИДЕО | Сцена која денес изгледа нереално: Како шеик прекина натпревар и поништи гол на Мундијал

Уште 49 дена нè делат од почетокот на Светското фудбалско првенство во САД, Канада и Мексико, а по тој повод во наредниот период би можеле да се потсетиме и на некои од највпечатливите моменти кои ја обележаа историјата на Мундијалите. Од славни херои и неочекувани сензации, до контроверзии, драми и приказни кои со текот на времето паднаа во заборав.

Секое Светско првенство крие приказни што го надминуваат резултатот и статистиката. Тоа се моменти кои се паметат со децении, кои се прераскажуваат со ист жар и кои го обликуваат фудбалот каков што го познаваме денес.

Светското првенство во 1982 година испиша бројни незаборавни моменти, но малку кои беа толку надреални како инцидентот од групната фаза меѓу Франција и Кувајт.

Шпанија тогаш за прв и досега единствен пат беше домаќин на Мундијал, а токму таа средба во Ваљадолид, на стадионот „Хозе Зорила“, го обележа турнирот. Кралска интервенција на терен, поништен гол и последици за судијата, денес сето тоа изгледа како сцена од филм.

Кувајт тогаш дебитираше на СП. По ремито со Чехословачка (1-1), „нафташите“ се соочија со Франција во вториот меч. Во 50. минута Франција водеше 3-0, а Кувајт успеа да намали на 3-1, но потоа следеше контроверзија. Неколку играчи на Кувајт тврдеа дека престанале да играат затоа што слушнале свиреж од трибините, за кој мислеле дека е судиски.

Украинскиот судија Мирослав Ступар првично го призна голот, но ситуацијата брзо излезе од контрола. Во невообичаен потег, на теренот се спушти принцот на Кувајт, шеикот Фахад Ал-Ахмад Ал-Џабер Ал-Сабах, кој директно реагираше на судијата, тврдејќи дека играчите биле збунети од надворешен свиреж.

Мечот беше прекинат додека се одвиваше сцена каква ретко се гледа на највисоко ниво. Под притисок, Ступар донесе одлука да го поништи голот, потег кој влезе во историјата како еден од најконтроверзните.

Денес речиси е незамисливо изгледа во елитниот фудбал судија да поништи веќе признат гол поради интервенција на неслужбено лице. Кога натпреварот продолжи, Франција постигна уште еден гол и ја потврди победата, но резултатот падна во втор план поради контроверзијата.

ФИФА подоцна оцени дека Ступар не успеал да ја задржи контролата над натпреварот. Тој беше отстранет од меѓународното судење, што практично значеше крај на неговата кариера на глобално ниво.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот