Марк Руте, генерален секретар на НАТО/Фото: EPA- ЕFE/ OLIVIER MATTHYS

ВИДЕО | Самит на НАТО: Руте и Хегсет се уверени дека ќе падне договор за 5% од трошоците за одбрана

Министрите за одбрана на НАТО денес се состануваат во Брисел за да разговараат за предлогот на Трамп за зголемување на трошоците за одбрана од 2% од БДП на 5%.

„Очекувам дека денес ќе се согласиме за новите цели на НАТО за капацитети“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по пристигнувањето.

„Треба да одиме понатаму и треба да одиме побрзо“, рече тој, додавајќи: „Нов план за инвестиции во одбраната ќе биде во центарот на самитот на НАТО во Хаг“.

„Ќе одлучиме што ни е потребно за да се одбраниме во случај да бидеме нападнати“, нагласи тој, додавајќи дека „треба да инвестираме во воздушна одбрана, ракети со долг дострел, копнени формации, системи за команда и контрола. Ова значи огромни инвестиции“.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека е уверен дека ќе се постигне обврска за трошење за одбрана од 5% од БДП во целиот НАТО сојуз.

Зборувајќи со новинарите во Брисел пред самитот, тој додаде дека за да се биде сојуз, мора да се биде подготвен за битка.

„За да бидете сојуз, мора да бидете повеќе од знамиња. Мора да бидете сојуз. Мора да бидете повеќе од конференции. Мора да одржувате борбена готовност“, рече тој.

„Тука сме за да ја продолжиме работата што ја започна претседателот Трамп, а тоа е обврска за 5% од трошоците за одбрана во целата Алијанса, за која веруваме дека ќе биде спроведена. Треба да биде спроведена до самитот во Хаг подоцна овој месец. Секој мора да даде се од себе, секоја земја мора да придонесе за ова ниво од 5%, признавајќи ја природата на заканата“, рече тој.

„Токму оваа тврда сила е таа што навистина одвраќа и не можеме да се потпреме само на американските способности“, нагласи шефот на Пентагон.

Хегсет додаде дека САД се „горди што се тука“ и „стојат покрај своите сојузници“, но пораката „ќе продолжи да биде јасна: одвраќање, мир преку сила, но не може да бидат зависни од еден“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот