Рускиот патријарх Кирил вози камион КАМАЗ / Фото: Руска православна црква

ВИДЕО | Русија во 23 секунди: Патријархот Кирил посети државна фабрика и седна да вози камион

Во сцена што совршено ја илустрира денешна Русија и положбата на Руската православна црква во општеството, патријархот на РПЦ, Кирил, како да е во предизборна кампања, посети државна фабрика за камиони „КАМАЗ“ во Татарстан во јужниот дел од државата, при што седна и да го „проба“ камионот од последната генерација на рускиот производител.

Посетата се случи минатата недела, а на патријархот московски и на цела Русија, раководните луѓе во фабриката му ја претставиле најсовремената технолошка линија за производство на тешки возила, пренесе „Политика“. По тест-возењето, патријархот ја пофалил удобноста и техничката софистицираност на камионот.

Генералниот директор на компанијата, Сергеј Когогин, заедно со челниците на Република Татарстан му ги претставиле на црковениот великодостојник и другите нови производи: електрични автобуси, специјализирани товарни возила и камиони за отпад. „КАМАЗ“ произведува околу 43.000 камиони и други товарни возила годишно. Компанијата е во мнозинска државна сопственост – најголем акционер е државниот холдинг „Ростек“ со 47% од акциите, додека околу 23% се под контрола на компанијата „Автоинвест лимитед“, регистрирана на Кипар, чиишто сопственици не се откриваат во јавноста (но, се смета дека зад неа стојат олигарси блиски до власта на Владимир Путин).

Компанијата ѝ подарила на Руската православна црква приградски автобус КАМАЗ 5222, кој ќе се користи за потребите на свештенството и верниците. Патријархот ја благослови фабриката со икона на Казанската Богородица, симбол на духовна заштита и благослов за сите вработени.

Покрај ова, како што јавуваат руските медиуми, патријархот Кирил рекол и дека „технолошкиот напредок и духовната стабилност треба да одат рака под рака“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот