Фото: Монтажа / „Икс“

ВИДЕО | Русија ѝ испорача нуклеарни боеви глави на Белорусија — Путин и Лукашенко надгледуваа ракетни вежби

На големите нуклеарни вежби, кои Русија и Белорусија ги одржуваа заедно, рускиот лидер Владимир Путин рече дека нуклеарното оружје останува „крајна и исклучителна мерка“ за национална безбедност, но нагласи дека нуклеарната тријада треба да биде гаранција за суверенитетот на сојузот меѓу Русија и Белорусија. Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко рече дека вежбите се одбранбени и дека Москва и Минск „никому не му се закануваат“.

Русија испорача нуклеарна муниција во теренски складишта во Белорусија како дел од големи нуклеарни вежби, соопштија денеска министерствата за одбрана во Москва и во Минск.

Тие објавија и, како што наведоа, „видеодоказ“ — снимка на која се гледаат воени возила како влегуваат во шумска област на непозната локација и ракети што се товараат на лансери.

„Искандер-М“, мобилен ракетен систем со наведувани ракети, кој НАТО го означува како „СС-26 Стоун“, е наменет да го замени советскиот „Скад“. Наведуваните ракети на „Искандер-М“ имаат дострел до 500 километри и можат да носат конвенционални или нуклеарни боеви глави.

Белоруското Министерство за одбрана соопшти дека видеото ја прикажува „испораката на нуклеарна муниција до теренски складишни точки во оперативната зона на ракетна единица во Република Белорусија, како дел од воени вежби“.

Тридневните нуклеарни вежби, кои почнаа завчера, се одржуваат низ Русија и Белорусија во време кога балтичките држави се вознемирени од повторени инциденти со дронови.

Страв во Литванија поради дронови кај границата со Белорусија — жителите добија повик да се засолнат, претседателот и премиерката беа евакуирани

Руското Министерство за одбрана завчера соопшти дека вежбите, кои траат до денеска, вклучуваат 64.000 војници и 7.800 парчиња воена опрема, меѓу кои повеќе од 200 ракетни лансери, над 140 беспилотни летала, 73 површински бродови и 13 подморници, од кои осум се стратешки подморници способни да носат ракети.

Путин и Лукашенко учествуваа преку видеоврска

Путин и Лукашенко првпат директно учествуваа преку видеоврска во заедничката руско-белоруска вежба на нуклеарните сили.

Путин рече дека нуклеарното оружје останува „крајна и исклучителна мерка“ за национална безбедност, но нагласи дека нуклеарната тријада треба да биде гаранција за суверенитетот на сојузот меѓу Русија и Белорусија.

Лукашенко рече дека вежбите се одбранбени и дека Москва и Минск „никому не се закануваат“.

„Лукашенко ги загрозува животите на Белорусите“

Белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановска го обвини авторитарниот лидер Александар Лукашенко дека „уште еднаш ги става животите на Белорусите во ризик“.

Таа рече дека Лукашенко „чекор по чекор“ ја вовлекува земјата во „нуклеарна уцена“ — со отстранувањето на ненуклеарниот статус од законите на земјата, распоредувањето нуклеарно оружје и ракетниот систем „Орешник“, а сега и со заедничките нуклеарни вежби со Русија.

„Денес Русија отворено вели дека нејзиното оружје е стационирано на белоруска територија. А контролата врз него ќе остане во Москва“, напиша Тихановска на „Икс“.

Украинската служба за безбедност СБУ денеска соопшти дека, како одговор на вежбите, Киев ги засилува безбедносните мерки во северните региони за да спречи руски и белоруски сили да се инфилтрираат во пограничните области и да извршуваат „саботажни и терористички акти“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно обраќање вчера рече дека на состанок со највисоките воени команданти разговарал за можна руска офанзива во северните региони на Украина, вклучително и во Киев и во Чернихив. Пред една недела тој предупреди дека „Русија се обидува подлабоко да ја вовлече Белорусија во војната во Украина и дека разгледува планови за напад врз северот на Украина или врз НАТО-членка од белоруска територија“.

Русија планира да нападне од Белорусија, целта е Украина или НАТО-членка, тврди Зеленски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот