ВИДЕО | Принцот Хари ја посети Украина, многумина забележаа дека го прекршил строгиот кралски протокол
Британскиот принц Хари (41) пристигнал во ненадејна посета на Украина, а еден гест што им го уптаил на луѓето што го пречекале во Киев бил опишан како јасен знак дека се оддалечил од кралскиот живот во Британија. Војводата од Сасекс се стреми да го потсети светот на тековната борба на земјата против руската агресија. Синот на кралот Чарлс Трети и покојната принцеза Дијана денеска се симнал од ноќниот воз од Полска во главниот град на Украина. Таму тој учествува на безбедносна конференција за да го повика светот да не заборави со што се соочува земјата во својата борба, пишува „Пипл“.
Препорачано
Пред да замине на конференцијата, принцот Хари бил топло пречекан од жителите на Киев кои се собрале на железничката станица. За да им се заблагодари за гостопримството, Хари направил нешто што е спротивно на традиционалниот кралски протокол. На објавените фотографии, принцот Хари може да се види како ги прегрнува собраните граѓани, што не е вообичаено за кралското семејство.
Според традицијата, на јавноста не ѝ е дозволено да допре член на кралското семејство, освен ако тој прво не подаде рака. Меѓутоа, познато е дека принцезата Дијана сакала да ги прегрнува луѓето во текот на своите средби. Се чини дека Хари одлучил да ги следи нејзините стапки и да го отфрли ова правило. Неговата сопруга, Меган Маркл, исто така претходно се опишала себеси како личност која сака да прегрнува во документарецот на Нетфликс „Хари и Меган“.
Таа објасни дека не сфаќала дека срдечната прегратка може да биде „навистина непријатна за многу Британци“ кои не се навикнати на јавно искажување на емоциите. Помладите членови на кралското семејство се чини дека сакаат да ја прекинат традицијата, бидејќи дури и постариот брат на Хари, принцот Вилијам, е виден како се прегрнувал со луѓе.
Покрај присуството на конференцијата, принцот Хари ќе го искористи своето време во Украина за да ја поддржи својата Фондација за игри „Инвиктус“, која ја основал за ранетите ветерани. Оваа посета е продолжение на неговиот долгогодишен ангажмна во поддршката на воените ветерани, а неговата фондација активно соработува со украинските ветерани од 2017 година.
Тие исто така ќе се запознаат со опасната работа што ја врши „Хало траст“, организација која работи на отстранување на мини и експлозиви од земјите погодени од војна. Неговата мајка, принцезата Дијана, е позната по поддршката на „Хало траст“ во текот на нивната работа во Ангола во 1997 година, непосредно пред својата смрт. „Хало траст“ вработува 1.300 луѓе за работа со деминирање во Украина, што сега е нивната најголема операција насекаде во светот, а Хари, следејќи ги стапките на својата мајка, ќе ја види од прва рака клучната работа што ја врши организацијата.
– Се радувам што повторно ќе ги видам пријателите и повторно ќе се поврзам со заедницата „Инвиктус“ и ќе застанам покрај оние што ѝ помагаат на Украина да победи во оваа борба – рекол тој.


