Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук / скриншот

ВИДЕО | Премиерот им делеше лекции на новинарите, ги повика да игнорираат изјави од Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Тетово им делеше лекции на новинарите и им сугерираше како да известуваат, повикувајќи ги да „бидат внимателни“ во пренесувањето на изјавите на бугарски политичари дадени во тамошната предизборна кампања. Обидувајќи се да ги избегне дел од незгодните прашања, Мицкоски ги прогласи за лаги и клевети.

Кога еден новинар го праша зошто директори поставени од централната власт присуствуваат на настан со кој немаат никаква врска, Мицкоски му го нарече прашањето „неточно“ и „клеветничко“ и рече дека такви прашања „не заслужуваат одговор“, но оти тој сепак ќе одговори затоа што имал висок демократски капацитет. Но, наместо одговор, Мицкоски рече дека директорите не ги поставува тој, туку ресорните министерства, сепај избегнувајќи го прашањето.

Нешто подоцна, запрашан за коментар околу изјавите на бугарски политичари поврзани со Македонија, дадени во тамошната изборна кампања, во врска со извештајот на европратеникот Томас Вајц, Мицкоски одби да ги коментира тие изјави и објасни дека целта им била тој и македонските власти да бидат вовлечени во кампањата. Но, понатаму премиерот им сугерираше и на новинарите да ги игнорираат изјавите кои доаѓаат од политичари од Бугарија.

Мицкоски рече дека новинарите „ги замолува на внимателност“ и и ги замоли „да го игнорираме сето тоа“. иако самото пренесување на некои изјави не може да претставува „вовлекување во кампањата“ во Бугарија, а тоа дали ќе ги пренесат е прашање на уредувачката политика на медиумите, чиешто обликување не е работа на кој било политичар, а најмалку на премиерот.

„Тоа е целта сега, затоа замолувам за внимателност од страна на медиумите. Целта е да бидеме вовлечени во предизборната кампања во Бугарија на оваа тема. Затоа, ве молам да не дозволиме да даваме алиби на политичари од нашиот источен сосед, кои припаѓаат на минатиот век, да водат кампања на ова прашање. Едноставно, ве замолувам да го игнорираме сето тоа, а ние, како Влада, разговараме со нашите пријатели во Брисел, се разбира, аргументираме, се бориме“, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот