ВИДЕО: Општина Тетово фрла градежен шут на Шара, обвинија од НП Шар Планина приложувајќи видео доказ
Од Националниот парк Шар Планина, попладнево на прес конференција приложија снимки на кои како што обвинија се гледа како градежниот шут собран при реконструкција на патот во викенд населбата Попова Шапка се фрла во близина на викендичките загадувајќи ја природата. Ова е скандалозна негрижа за природата што вчера ја демонстрираше општина Тетово при промена на асфалтот во населбата, велат од установата.
Препорачано
„Пред една недела сите бевме сведоци на помпезните изјави на градоначалникот колку тој ја сака Попова Шапка и ќе инвестира во неа. За жал, изгледа овие изјави беа само шминка за јавноста бидејќи тој самиот ги погази овие тврдења. Работите почнаа со гребење на постоечкиот асфалт. Да, ќе речете капитална инвестиција, се со цел за да се подобри инфраструктурата. Но треба да ја прашаме општината каде и како го смисли депонирањето на овој цврст и штетен отпад?За жал целиот овој материјал, заедно со отпадот што се извлекува од овој пат, завршува со уништување на природата, во име на подобрување на условите во Попова Шапка.Со овој чин токму институцијата која е задолжена да се справува со отпадот ни го покажува другото лице. Исто како што Шар Планина има две лица, едното е уникатна природа додека другото е отпад во изобилие и од секаков вид, како резултат на негрижата од надлежните институции. Оваа еколошка катастрофа добива поголеми размери ако земеме во предвид дека на истата локација минатата година беше направено чистење на градежниот шут со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање“, изјави Ибрахим Дехари директор на НП Шар Планина.
Наместо да се грижат општинските власти ја уништуваат природата и во ваква уништена Шар Планина нема да ни дојдат ниту домашни ниту странски туристи, велат од установата.
„Со вакво неодговорно управување со отпадот не се поттикнува локалниот економски развој за кој исто така е надлежна општината. Затоа ја повикуваме Општина Тетово во најскоро можно време да го отстрани депонираниот материјал и да го исфрли на соодветно место. Чуварите на заштитеното подрачје и полицијата го документираа случајот. На крајот бараме разбирање од жителите и ги замолуваме да не ги следат чекорите на општина Тетово и да ја загадуваат и уништуваат природата бидејќи ова не наликува на Националниот парк или на туристичкиот центар Попова Шапка“, рече Ибрахим Дехари директор на НП Шар Планина.
Од Општина Тетово пак на обвинувањето на НП Шар Планина соопштија дека општинските инспектори излегле на терен да ја документираат состојбата, за утре најавија повеќе детали.
„Општина Тетово постапи веднаш по откривањето на загадувањето. Општинските инспектори излегоа на терен за да ја документираат состојбата.За зголемување на транспарентноста и комуникацијата со граѓаните, општинскиот инспекторат утре во 11:00 часот на Попова Шапка ќе одржи прес-конференција, со цел да ја известиме јавноста за преземените мерки и да одговориме на прашањата во врска со оваа тема“, соопштија од Општина Тетово.


