ВИДЕО| Образовните асистенти се од исклучително значење за лицата со попреченост, особено во услови на пандемија

Лицата со попреченост се едни од најпогодените лица од пандемијата на ковид-19 од причина што за нив е многу тешко да се борат со нешто што не можат да го почувствуваат. Оттука и нејасно е колку овие лица навистина ја разбираат моменталната ситуација во која се наоѓаме, не само ние, туку и целиот свет.

Роберта Митревска, претседателка на здружението Асоцијација Ластовица, кое веќе со години наназад ги штити правата на лицата со попреченост вели дека дека уште од почетокот на пандемијата, тие како организација, најпрво барале начини како најлесно да им ја доловат состојбата на дечињата.

– Многу беше тешко да им се објасни на децата со попреченост како тие треба сега да функционираат. Ние не можевме да одиме ниту на работа, ниту на училиште уште од почетокот на пандемијата, па требаше да најдеме начин како тоа да им го објасниме. Веднаш направивме една социјална приказна со која сакавме да им го доловиме тој момент на децата, да им објасниме дека ќе останат дома со своите родители, дека ќе одат надвор, ќе шетаат со родителите, но дека кога сето ова ќе помине повторно ќе се видиме и ќе се вратат на училиште. Таа социјална приказна, која беше актуелна по социјалните мрежи, но и на телевизија, беше првиот чекор за да им го олесниме овој период и да им го доловиме привремениот начин на живот кој ни го наложи пандемијата – вели Митревска.

Посебни шеми на однесување и почитување на правила во време на пандемија

На самиот почеток од пандемијата, на територијата на цела држава, имаше ограничувања во движењето, односно полициски час, меѓутоа, токму поради посебните потреби кои ги имаат овие деца, за нив не важеа овие правила.

– Децата со аутизам, на пример, имаат шеми со однесување кои не треба да им ги менуваме, за нив не значи ништо ако им кажеме дека можат да излегуваат од дома само од 14 до 16 часот. Но, тоа за среќа беше добро сфатено од Владата која донесе одлука во корист на лицата со попреченост. Правовремено се менуваа сите недоследности кои се случуваа, со тоа што се интервенираше и од властите добивавме позитивни фидбек резултати од сето тоа – вели Митревска.

Токму за борбата со аутизмот и посебните шеми на однесување во разговор за „Слободен печат“, зборува Весна Јаневска, мајка на дете со аутизам.

Фото: Фејсбук/Асоцијација Ластовица

– Коронавирусот ние како родители го разбираме, но верувајте многу е тешко тоа да му се објасни на детето. Кога имате дете со аутизам вие се прилагодувате на него, меѓутоа можам да кажам дека децата со попреченост имаа свои права кога стапија на сила полициските часови. И покрај сите тешкотии, можноста да излегуваат надвор и да продолжат со својот ритам дополнително ја олеснуваше ситуацијата во која моравме да им објаснуваме зошто треба почесто да ги мијат рацете и да носат маска – вели Јаневска.

За тоа колку навистина овие лица ја разбираат потребата од носење маска Митревска изразува сомнеж и посочува дека тие тоа го прават, меѓутоа длабоко во себе навистина не се свесни зошто ја носат таа маска, без разлика на објаснувањето од родителите.

– Не сите разбрале и се уште не разбираат во кое време живееме и како тие треба да се заштитат. Тие сите носат маска, но поголемиот дел од нив не знаат зошто ја носат маската, но знаат дека треба да ја носат бидејќи родителите им рекле така. Многу е деликатен моментот да им се објасни на оваа категорија на лица, бидејќи тие не можат да го почувствуваат вирусот. Но, мислам дека одредени групи на лица со попреченост, како лицата со психички попречености или аутизам потешко ги разбираат овие моменти – истакна Митревска.

Посебно специфичен момент може да биде кога некое лице со попреченост е во состојба да мора да биде во изолација.

– Имавме случаи кога лице со попреченост се наоѓа во изолација, па ние постојано сме во контакт со нив преку видео повици, а родителите споделуваат дека им е тешко да ги задржат во една просторија, да ги задржат на едно место, бидејќи им треба функционалност на тие деца и постојани активности и само на тој начин тие се чувствуваат корисни – вели Митревска.

Образование во ковид услови, образовни асистенти и тотална инклузија

Посебните училишта за лица со попречност од почетокот на пандемијата продолжија да функционираат со физичко присуство, за разлика од другите училишта во кои наставата со физичко присуство се одвива само до трето одделение. Другите ученици, како и студентите, учат онлајн.

Меѓутоа и дел од децата со попреченост следат онлајн настава поради хроничните заболувања кои ги имаат и со одлука на самите родители.

– Онлајн наставата во посебните училишта е прилагодена конкретно за нив. Таа не е на толку сложено ниво, со тоа што нивните родители или браќа и сестри им го пуштаат часот, а тие од другата страна го слушаат дефектологот кој им дава насоки и има некоја соработка. Останатите се со физичко присуство во посебните училишта и засега барем јас немам слушнато дека има некое детенце кое е позитивно на вирусот – вели Митревска.

Од друга страна, според најавите на Министерството за образование и наука, од наредната година, лицата со попреченост ќе добијат образовни асистенти кои ќе работат со оваа група на деца, со тоа што тие кадри ќе доаѓаат од посебните училишта за овие деца, кои пак од 2022/23 година веќе немаа да примаат првачиња, а веќе споменатите асистенти ќе бидат во рамките на редовните училишта.

– Од 2022-23 година во посебните училишта нема да се врши упис на првачиња, односно се врши тотална инклузија и на тој начин посебните училишта ќе се трансформираат во ресурсни центри. Од таа година натаму сите ќе функционираат со образовни или персонални асистенти кои ќе мора да бидат присутни со учениците. Наша препорака како здружение е дека пред секое вклучување на образовен асистент во редовното образование, тој асистент задолжително мора да помине обука, без разлика дали таа ќе биде во некое здружение како нашето или во некое друго посебно училиште – вели Митревска.

Фото: Фејсбук/Асоцијација Ластовица

Директорката на здружението Ластовица потенцира дека образовните асистенти треба да бидат искусни обучени кадри, а не млади и неискусни лица.

– Таквите асистенти би произлегувале од посебните училишта. Ќе произлегуваат од тамошниот кадар и ние се надеваме дека тоа ќе  бидат веќе искусни дефектолози, бидејќи ако млад и неискусен кадар испратиме во редовно училиште јас сметам дека нема да можат да се снајдат – смета Митревска.

За споменатата обука која Митревска потенцира дека е неопходна, посочува дека таа опфаќа најпрво запознавање на асистентот со овие деца.

– Обуката која мора да ја поминат образовните асистенти подразбира најпрво лично запознавање на индивидуите со самата категорија на деца. Тие треба да се најдат во средина во која ќе стапат во контакт со нив и на тој начин ќе видат како можат да го добиваат тој фидбек, односно како можат да работат со нив. Првичниот прием на персоналниот асистент е многу важен и тој може да значи дали во иднина ќе се дружат или едноставно нема да има соработка доколку детето не го прифати тоа лице и кај него ќе се појави револт – заклучува Митревска.

Проблемите на лицата со попреченост во ковид услови во Црна Гора

Со слични потешкотии во ковид услови се соочуваат и лицата со попреченост во Црна Гора, а се чини дека немањето на персонален асистент е еден од најголемите проблеми, посебно кога е образовниот процес во прашање.

Таков пример е Велизар Бато Обрадовиќ од Никшиќ, кој е со целосно оштетување на видот и е единствениот студент со ваков вид на попреченост на Катедрата за социологија на Филозофскиот факултет.

Пандемијата дополнително ја комплицира ситуацијата, бидејќи часовите во Црна Гора се организираат претежно на интернет. Проблемот за Велизар е што без нечија помош, тој не може да отвори врски на платформата преку која се организираат предавања на интернет.

– Ниту една програма за говор не може да се поврзе со апликацијата … Не можев да гледам предавања на Интернет. Не е виновен професорот, ниту јас како студент, но Универзитетот очигледно не сметаше дека има луѓе со оштетен вид кога тоа беше решено – вели Обрадовиќ за „Вијести “.

Неговото решение би било – асистент.

– Два часа на ден, да ми читаат, да ми помогнат да напишам нешто, да направам некоја работа. Па, утре и јас ќе бидам научник  – вели Бато, кој покрај студиите работи и како масер, и често се подготвува за испити со обука – зад него има повеќе полумаратони, а се најавуваат и други големи натпревари.

Неговата единствена желба за време на студиите е, како што вели, да биде еднаков.

– Не сакам да зависам од ниту една организација, од никого, никој не е должен да ми помогне. Барам државата да создаде систем во кој сите сме еднакви  – рече Обрадовиќ.

На барање на учениците, повеќе организации за поддршка на лицата со попреченост во јули и август испратија иницијатива до Министерството за образование да обезбеди финансиски средства за услугата наставна помош за ученици со попреченост, но до денес тие не добиле одговор.

Нема официјални податоци за бројот на лица со попреченост во Црна Гора, но се проценува дека има околу 70.000. Според извештаите, вклучително и оние на Заштитникот на човековите права и слободи, со години на јавноста и беше кажано дека лицата со инвалидност се изложени на висок степен на дискриминација, почнувајќи од сиромаштија, простор, пристап до услуги, информации, здравствена заштита, па дури и образование и вработување.

Приказната за влијанието на пандемијата врз животот на лицата со попреченост е создадена во соработка со дневниот весник „Вијести“ од Црна Гора и „Слободен печат“ од Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот