Лего сет, Саграда Фамилија - Фото: lego.com

ФОТО | „Лего“ го претстави најголемиот сет во својата историја – црквата Саграда Фамилија со над 12.000 делови

Компанијата „Лего“ официјално го претстави својот најголем сет досега – реплика на прочуената црвка Саграда Фамилија, составена од 12.060 коцки. Сетот припаѓа на Архитектура серијата и е посветен на 100-годишнината од смртта на архитектот Антони Гауди, кој почина во 1926 година, пренесува „Хајп бист“.

Датум на излегување и цена

Новиот сет ќе биде достапен од 1 ноември 2026 година, по препорачана цена од 749,99 евра. Првично ќе биде достапен ексклузивно преку „Лего“, а подоцна се очекува и продажба преку избрани продавници во 2027 година.

Со ова издание, Саграда Фамилија го надминува досегашниот рекорд на Лего Арт Светска мапа, која имаше 11.695 делови, што значи дека новиот сет има речиси 400 делови повеќе.

Лего сет, Саграда Фамилија – Фото: lego.com

Детали за изградбата и дизајнот

Моделот ја следи вистинската историја на изградба на базиликата – од темелите и криптата, преку фасадите на Рождеството (посветена на раѓањето на Исус) и Страдањето (посветена на распнувањето и страдањето на Исус), главните бродови и сакристијата, па сè до шесте кули и завршната фасада на Славата (шпански: „Фасада на Глоријата“).

Готовиот модел е висок 62 сантиметри, широк 47 сантиметри и длабок 39 сантиметри. Еден од највпечатливите елементи е ефектот на витражните прозорци, кој ја имитира светлината што продира низ вистинската црква. Сетот е дизајниран така што може да се расклопува по делови, со цел да се прикаже внатрешната структура.

Лего сет, Саграда Фамилија – Фото: lego.com

Кулите и архитектонските елементи

Сетот ја прикажува Саграда Фамилија во нејзината финална форма со вкупно 18 кули. Од нив, 12 се посветени на апостолите, четири на евангелистите, една на Богородица и една централна кула посветена на Исус Христос.

Иако моделот ја претставува завршената визија на објектот, вистинската базилика сè уште е во изградба, а финалните работи се очекува да продолжат и во следните години.

Лего сет, Саграда Фамилија – Фото: lego.com

Симболика и причина за издавање

Излегувањето на сетот е поврзано со неколку значајни настани. 2026 година се одбележува како година на Гауди, Барселона е прогласена за светска престолнина на архитектурата, а во февруари базиликата ја достигна висината од 172,5 метри со завршувањето на кулата на Исус Христос, со што стана највисока црква во светот.

Изградбата на вистинската Саграда Фамилија започнала во 1882 година и сè уште не е целосно завршена.

Лего сет, Саграда Фамилија – Фото: lego.com

Концепт за колекционери

Сетот е наменет за возрасни обожаватели на ЛЕГО и не содржи минифигури. Поради деталноста и сложеноста, тој се смета за колекционерско и изложбено парче.

Покрај деталната изработка, сетот овозможува и реконструкција на различни историски фази од изградбата на базиликата, благодарение на модуларниот дизајн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот