ВИДЕО | Нов трејлер за „Harry & Meghan“: Сѐ е валкана игра, никој не ја знае целосната вистина

Фото: Скриншот/Јутјуб

Денеска беше објавен нов трејлер за долгоочекуваната документарната серија „Harry & Meghan“, посветена на принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл.

Филмската платформа Нетфликс најави дека првите три епизоди ќе бидат достапни веќе во четврток, а во нив познатата двојка ќе зборува за нивниот однос со британското кралско семејство.

Принцот Хари и Меган Маркл се повлекоа од кралските должности и се преселија во Калифорнија пред две години, а оттогаш ја критикуваа британската монархија и ги обвинија за расизам, нешто што кралското семејство го негираше.

Принцот Хари и Меган Маркл
Принцот Хари и Меган Маркл / Фото: EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

Принцот во своите интервјуа сугерираше дека едвај зборува со остатокот од семејството, особено со неговиот татко, кралот Чарлс Трети и постариот брат, принцот Вилијам.

„Никој не ја знае целосната вистина. Ние ја знаеме целосната вистина“, вели принцот Хари во трејлерот.

Фото: EPA-EFE/SEM VAN DER WAL

Меѓу другото, принцот Хари се осврна и на персоналот на кралското домаќинство, кој протекува информации во медиумите.

„Постои хиерархија во семејството. Знаете дека протекуваат информации, но има и измислување приказни. Тоа е валкана игра“, вели тој.

Исто така, принцот Хари зборува и за „болката и страдањето на жените кои се мажат во оваа институција“, додека се вртат фотографии од неговата мајка, покојната принцеза Дијана и неговата снаа, принцезата Катерина.

Сѐ до овој момент, Бакингемската палата сѐ уште нема излезено со официјален коментар за документарната серија.

Видео на денот