Витамини/Фото: Anna Shvets/Pexels

ВИДЕО | Невролог: Овој витамин што го користат многумина може да ги оштети нервите

Невролог предупреди дека земањето преголеми количини на еден вообичаен витамин може да доведе до оштетување на нервите и состојба позната како периферна невропатија. Лекарот истакнува дека прекумерните дози можат да станат „токсични“ и да ги оштетат сензорните неврони, пишува британски „Мирор“.

На нашето тело за оптимално функционирање му е потребна низа витамини и минерали.. Иако повеќето потреби ги задоволуваме со здрава и урамнотежена исхрана, на некои луѓе им се потребни секојдневни додатоци во исхраната. Но, нивната употреба не е без ризици за здравјето, како што предупредил во видеото на социјалната мрежа Тикток неврологот д-р Баибинг Чен, попознат како д-р Бинг.

Витамини што можат да бидат токсични

Доктор Чен објаснил дека одредени витамини можат да бидат штетни во прекумерни количини.

– Многумина мислат дека витамините, бидејќи се природни и достапни без рецепт, не можат да наштетат, но тоа не е сосема точно – рекол тој.

Некои витамини секако можат да бидат токсични. На пример, витамините А, Д, Е и К. Станува збор за витамини растворливи во масти кои можат да се наталожат во телото. Дури ниту витамините растворливи во вода, како што се витамините Б и Ц, за кои се смета дека едноставно се излачуваат преку урината, не се секогаш безопасни.“

Тој особено го истакнал витаминот Б6, познат и како пиридоксин. Витаминот Б6 е клучен за искористување и складирање на енергијата од протеините и јаглехидратите и овозможува производство на хемоглобинот, супстанција во црвените крвни зрнца што транспортира кислород низ целото тело. Природно се наоѓа во свинското месо, живината, кикиритките, сојата, овесот и бананите.

– Витаминот што ги изненадува луѓето е Б6 и со него навистина можете да се предозирате. Како невролог, тоа го видов неколкупати. Во високи нивоа Б6 станува токсичен, го нарушува нормалното праќање сигнали помеѓу невроните и може претерано да ги стимулира и оштети сензорните неврони, што доведува до оштетување на нервните влакна – објаснил д-р Бинг.

 

@doctor.bing Vitamin toxicity is rare but they do exist. One that surprises people is vitamin B6 #tiktoklearningcampaign #learnontiktok #brain #science #neuroscience ♬ original sound – Dr. Bing, MD MPH

Ризикот не произлегува од една голема доза

Последица од тоа може да биде периферна невропатија.

– Поради ова пациентите развиваат симптоми како што се вкочанетост, трнење, печење, болка и проблеми со рамнотежата бидејќи мозокот прима искривени или нецелосни сензорни информации – објаснил тој.

Меѓутоа, ризикот не произлегува од една голема доза.

– Најголемиот проблем не е земањето огромна доза еднаш, туку кумулативниот внес со текот на времето. Имав млад пациент кој секојдневно земал мултивитамин, енергетски пијалак, додаток во исхраната против стрес и додаток за спиење. Ниеден од тие производи сам по себе не содржел екстремни дози, но сите имале витамин Б6, а тој не го знаел тоа. На крајот разви невропатија – нагласил неврологот.

– Дури и по прекинувањето на земањето, закрепнувањето не мора секогаш да биде целосно. Да се разбереме, не сум против додатоците во исхраната. Ги препорачувам на пациентите кога за тоа постои медицинска потреба, а и самиот ги земам. Но, пристапот мора да биде прилагоден на поединецот. Мора да бидеме паметни и да се потпираме на доказите – заклучил неврологот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот