ВИДЕО: Невидени гужви во Србија, освен вакцини се даваат пари и ваучери во познатиот трговски центар Ушќе во Белград

Денеска во 9 часот наутро, во најголемиот српски трговски центар Ушќе беше отворен пункт за вакцинирање. Секој што сака да се вакцинира, може да го стори тоа без претходна најава, и може да избере некоја од достапните вакцини, пишува српски Блиц.

Редиците започнале да се полнат и пред отворањето, односно уште во 8 часот.

За дополнителна мотивација на граѓаните, оние лица коишто ќе одлучат да се вакцинираат денес, утре и во сабота – ќе добијат подароци. Така, денес, првите 100 вакцинирани лица ќе добијат ваучер вреден 3.000 динари, или околу 1500 денари, кои ќе можат да ги истрошат во овој трговски центар.

Акцијата продолжува утре, кога првите 50 вакцинирани ќе добијат ваучер, но вреден 5.000 динари (околу 2500 денари) за набавки во продавниците на „Фешн и френдс“, а првите 100 вакцинирани во сабота ќе добијат пакет подароци од „БГ електрони“.

Контролниот пункт го подготвија Градскиот институт за јавно здравје и Градот Белград.

За потсетување, вчера претседателот на Србија, Александар Вучиќ соопшти дека секој што ќе вакцинира ќе добие и парична награда од 3000 динари или околу 25 евра.

Вучиќ: За вакцинираните дополнителни 3.000 динари, платено боледување и сертификат за патување

Погледнете го видето:

Државниот секретар во Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек за РТС изјави дека државата до секој поединец сака да ја приближи вакцината на лесно достапни места за вакцинација.

Според него, пунктот за вакцинација во трговскиот центар ќе биде отворен денеска од 9 до 20 часот, а утре од 12 до 20 часот.

– Сите вакцини се достапни на тој пункт, изјави Ѓерлек и додаде дека Белград се приближува до процентот од 50 отсто од граѓаните кои ја примиле втората доза.

– Ајде сите да покажеме одговорност заедно, со користењето на милионските дози вакцини што ги имаме и максимално да одговориме на масовната вакцинација и до летото да се вратиме во нормалниот живот, кажа Ѓерлек.

Епидемиологот Предраг Кон за РТС изјави дека не може да ги прејудицира одлуките на Кризниот штаб, кој заседава денеска, но најави дека сигурно ќе има отворања.

Треба да бидеме претпазливи, бидејќи штом се опуштиме, тоа може да се види за една недела, изјави Кон.

– Досега ги повикувавме старите лица да се вакцинираат, сега на ред се помладите. Затоа ги поканивме славните личности да почнат да се вакцинираат и да ги повикаат своите следбеници, што е многу важно, изјави Кон и додаде дека вакцинацијата во трговските центри е важна.

Тој потенцираше дека досега се дадени три милиони и 600.000 вакцини и дека никој нема трајна последица по вакцинацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот