Принтскрин од видео изјава

ВИДЕО | Нетанјаху се согласува за прекин на огнот, но израелската војска ќе остане во јужен Либан

Откако американскиот претседател Доналд Трамп објави десетдневно примирје меѓу Израел и Либан, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека се согласил на прекин на огнот „за да ги унапреди“ мировните напори со Либан.

„Имаме можност да постигнеме историски мировен договор со Либан“, рече тој во видео порака објавена од израелското Министерство за надворешни работи.

Израелските сили водеа жестоки борби со Хезболах во пограничната област. Војската навлезе во јужен Либан за да создадат, како што рекоа официјалните лица, „безбедносна зона“, која според Нетанјаху ќе се протега најмалку до 10 километри во внатрешноста на Либан.

Сега, Нетанјаху рече дека израелските ќе останат во проширената безбедносна зона во јужен Либан „многу посилни, пообемни и поконтинуирани од претходно“.

„Тука сме и не си заминуваме“, рече тој.

Трамп ја објави веста за прекинот на огнот на својата платформа „Трут соушл“, наведувајќи дека тој ќе започне денес во 23 часот (21 часот по Гринич, 17 часот по источоамериканско време). Објавата доаѓа два дена по првите директни дипломатски разговори меѓу земјите по децении, одржани во Вашингтон.

Либан инсистираше на прекин на огнот за да се запрат борбите меѓу Израел и Хезболах пред да се продолжи со понатамошни разговори, истовремено ветувајќи дека ќе се заложи за разоружување на групата.

Израел и Либан технички се во војна од основањето на Израел во 1948 година, а Либан останува длабоко поделен околу прашањето за дипломатско приближување кон Израел.

Трамп, исто така, ги покани лидерите на Израел и Либан во Белата куќа за, како што рече, „првите значајни разговори“ меѓу двете земји од 1983 година.

„Двете страни сакаат мир, и верувам дека тоа ќе се случи брзо“, напиша Трамп.

Трамп: Израел и Либан се согласија на десетдневно примирје

Либан и Израел потпишаа договор во 1983 година според кој Либан требаше формално да го признае Израел, а Израел да се повлече од Либан. Договорот пропадна за време на либанската граѓанска војна и формално беше поништен една година подоцна.

Трамп изјави дека паузата во борбите следела по „одлични“ разговори со либанскиот претседател Џозеф Аун и со Нетанјаху.

Како што пренесе АП, претставник на Хезболах изјавил дека примирјето е резултат на преговорите меѓу Иран и САД, при што Иран инсистирал Либан да биде вклучен во сопствениот прекин на огнот, и дека до него дошло со посредство на Пакистан. Претставникот зборувал под услов на анонимност бидејќи немал овластување јавно да се обрати.

Фон дер Лајен: Го поздравувам примирјето, овој конфликт одзеде премногу животи

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави десетдневното примирје меѓу Израел и Либан,  а воедно повтори дека Европа ќе продолжи да повикува на почитување на територијалниот интегритет на Либан.

„Го поздравувам најавеното десетдневното примирје меѓу Израел и Либан, посредувано од претседателот Трамп. Тоа е олеснување, бидејќи овој конфликт веќе одзеде премногу животи“, напиша Фон дер Лајен на мрежата Икс.

Таа додаде дека Европа ќе продолжи да инсистира на целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан, како и дека ќе продолжи да обезбедува значајна хуманитарна помош за либанскиот народ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот