Фото: Скриншот

Трамп: Израел и Либан се согласија на десетдневно примирје

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Либан постигнале договор за десетдневен прекин на огнот кој ќе стапи на сила вечерва во 23 часот.

Трамп потврди дека имал „одлични разговори“ со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека ова е десеттата војна што ја решава.

„Тукушто имав одлични разговори со почитуваниот либански претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Биби Нетанјаху. Двајцата лидери се согласија официјално да започнат 10-дневен прекин на огнот за да се постигне мир меѓу нивните земји“, напиша Трамп на својата платформа „Трут Соушл“.

Објавата дојде откако претставниците на Израел и Либан се сретнаа во Вашингтон во вторникот, нивната прва официјална средба по 34 години. Домаќин на состанокот беше американскиот државен секретар Марко Рубио.

„Имав чест да решам девет војни низ целиот свет“

Претседателот на САД истакна дека ги задолжил највисоките американски претставници на понатамошна работа за постигнување траен мир.

„Им наложив на потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Рубио, заедно со началникот на Здружениот генералштаб Ден ‘Разин’ Кејн, да работат со Израел и Либан за да се постигне траен мир“, објави тој.

Тој ја заврши својата објава со оптимистички тон.

„Имав чест да решам девет војни низ целиот свет, а ова ќе биде мојата десетта. Затоа, да го направиме тоа!“.

После ова, Трамп објави и дека ќе ги покани  премиерот на Израел Нетанјаху, и претседателот на Либан, Жозеф Аун, во Белата куќа на првите значајни разговори меѓу Израел и Либан од 1983 година.

„Тоа е навистина многу одамна. Двете страни сакаат МИР, и верувам дека тоа ќе се случи – брзо!“, напиша Трамп.

Што се зборуваше пред објавата за примирјето?

Хезболах нема да почитува ниту еден договор што ќе произлезе од разговорите меѓу Либан и Израел, посредувани од САД, изјави пред два денови висок функционер во милитантната група.

Вафик Сафа, истакнат член на политичкиот совет на Хезболах, посочи дека групата „воопшто не е заинтересирана за исходот од разговорите меѓу Либан и неговиот непријател Израел“ и дека што и да биде договорено тоа нема да ги обврзува. Либанските власти се надеваат дека ќе постигнат прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хезболах, објави Асошиејтед Прес.

Израел и Хезболах водат војна среде напорите за мир – загина двегодишно девојче на погребот на татка си

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата цел е да го разоружа Хезболах и евентуално да посредува во мировен договор меѓу Либан и Израел. Портпаролот на премиерот Нетанјаху пред два денови изјави дека нема да има прекин на огнот со Хезболах.

Вчера, Нетанјаху посочи дека израелската војска продолжува да го напаѓа Хезболах во Либан, додавајќи дека ѝ наредил на војската да „ја зајакне безбедносната зона“ во Либан.

Израел одобри нови борбени планови за Либан и Иран

Бејрут утрово демантираше дека би се смирил конфликтот со Израел. Либански функционер изјави за Ал Џезира дека нема информации за можен телефонски повик меѓу либанските и израелските лидери.

Мир на хартија, војна на терен: Бејрут ги демантира надежите за смирување на конфликтот со Израел

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот