Елеонор и Лајл Гитенс, најдолгорочниот брачен пар во светот - Фото: Принтскрин/Јутјуб

ВИДЕО | Најдолгорочниот брачен пар во светот го открива клучот за трајна врска: „Се сакаме“

Елеонор и Лајл Гитенс од Мајами, кои се во брак цели 83 години, неодамна ја добија титулата најдолгорочен брачен пар во светот, а нивното објаснување за долгата врска е дека тие едноставно се сакаат, пишува „Гардијан“.

Елеонор, која има 107 години, и Лајл, кој е една година постар, се запознале во 1941 година на кошаркарски натпревар.

„Се сакаме“, изјави 107-годишната Елеонор Гитенс за „LongeviQues“ кога веб-страницата специјализирана за луѓе кои се во вториот век од животот ја праша која е тајната за 83 години успешен брак со нејзиниот сопруг, Лајл.

Паралелно, одговорот на 108-годишниот Лајл Гитенс на тоа прашање беше: „Ја сакам мојата сопруга“.

Како што наведува таа страница, Гитенови ја добија титулата за пар со најдолг брачен живот откако Бразилецот Маноел Ангелим Дино, кој беше во брак со својата сопруга Марија Соча 85 години, почина во октомври.

Гитенсеви се и најстариот брачен пар во светот, со вкупна возраст од над 216 години, се вели во статијата на „LongeviQues“, во која се тврди дека љубовната приказна на парот е исклучителна бидејќи преживеале војна и други тешкотии.

Лајл и Елеонор Гитенс првпат се запознале во 1941 година на колеџ, на кошаркарски натпревар на кој тој играл за Универзитетот Кларк Атланта, а на кој таа присуствувала во публиката. Елеонор изјавила дека не можела да се сети дали победиле Кларк Атланта или колеџот Морхаус. Се што се сетила, рекла таа, било дека тогаш првпат го запознала Лајл, кој подоцна бил примен во Куќата на славните на машката кошарка во Кларк Атланта.

Двајцата потоа се заљубиле и планирале да се венчаат и покрај тоа што биле сигурни дека Лајл ќе биде регрутиран во војска поради Втората светска војна. Тие се венчале на 4 јуни 1942 година откако на Лајл му била доделена тридневна пропусница за обука во американската воена база во Џорџија.

Денот на нивната венчавка бил првиот пат кога Лајл се сретнал со семејството на Елеонор. Тој се сети дека морал да се вози до својата невеста во расно сегрегиран вагон – долго патување пред почетокот на ерата на граѓанските права во САД, за кое Лајл рече дека вредело поради Елеонор.

Кога Лајл заминал да служи во Италија во 92-та пешадиска дивизија на американската армија, Елеонор не можела а да не се запраша дали некогаш повторно ќе го види жив, изјавила таа претходно за флоридскиот весник „Вестсајд Газет“. Таа веќе била бремена со првото од нивните три деца и се преселила во Њујорк, каде што за првпат го запознала семејството на својот сопруг.

Елеонор и Лајл конечно почнаа да го градат својот живот заедно по војната, населувајќи се во Њујорк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот