ВИДЕО | На денешен ден пред 42 години беа затворени Зимските олимписки игри во Сараево
На 19 февруари 1984 година свечено беа затворени XIV Зимски олимписки игри во Сараево. Оттогаш поминаа точно 42 години од настанот што остави длабока трага во историјата на поранешна Југославија и Босна и Херцеговина.
Препорачано
Сараево ја доби организацијата на 18 мај 1978 година, на 80. седница на Меѓународен олимписки комитет во Атина. Во конкуренција беа јапонскиот Сапоро и шведскиот Гетеборг, но Сараево победи со мнозинство гласови.
Игрите се одржаа од 8 до 19 февруари 1984 година, со учество на 1.272 спортисти од 49 земји. Натпреварувањата се одвиваа во шест спортови: алпско и нордиско скијање, биатлон, боб и санкање, хокеј на мраз, како и уметничко лизгање и ски-скокови.
Еден од највпечатливите моменти беше сребрениот медал на словенечкиот скијач Јуре Франко во велеслалом – првиот медал за Југославија на Зимските олимписки игри.
Посебен белег на Олимпијадата дадоа ѕвездите во уметничкото лизгање. Британскиот пар Џејн Торвил и Кристофер Дин освои злато во танци на мраз, додека источноногерманската лизгачка Катарина Вит ја зацврсти својата позиција како една од најголемите спортски икони на крајот од 20 век.
Организацијата на Игрите донесе значителни инвестиции во инфраструктурата – изградени беа хотели, жичарници и ски-лифтови на планините Бјелашница, Игман и Јахорина, како и спортските центри Скендерија и Зетра. Изградбата на нови сообраќајници дополнително го унапреди туристичкиот и спортскиот потенцијал на градот.
Свеченото затворање го проследија околу 8.000 посетители, а тогашниот претседател на Меѓународниот олимписки комитет, Хуан Антонио Самаранч, ги затвори Игрите со зборовите: „Довидување, драго Сараево“.
Зимските олимписки игри во Сараево остануваат еден од најзначајните настани во историјата на Босна и Херцеговина. За жал, за време на војната во 1990-тите, голем дел од спортските објекти беа уништени, а некои и денес не се целосно обновени. Сепак, спомените од февруари 1984 година и понатаму будат силни емоции кај сите што беа дел од тој историски момент.


