ВИДЕО | Морган Фриман со срцепарателен говор за Џин Хекман на Оскарите: „Заедницата загуби великан, а јас загубив драг пријател“
Американскиот актер Морган Фриман му оддаде почит на својот долгогодишен пријател, актерот Џин Хекман, на 97. доделување на филмските награди Оскар. Хекмен, кој почина минатиот месец, беше пронајден мртов во својот дом во Ново Мексико заедно со неговата сопруга, а истрагата за околностите на нивната смрт сè уште трае.
Препорачано
„Оваа недела нашата заедница загуби вистински великан, а јас загубив драг пријател“, рече 87-годишниот Фриман во текот на церемонијата.
Тој и Хекман заедно глумеа во два филма, меѓу кои и „Непростено“ („Unforgiven“) (1992), кој му ја донесе на Хекман неговата втора Оскарова награда.
„Секој што некогаш споделил сцена со него знае дека беше дарежлив актер, чии таленти ги издигнуваа сите околу него“, додаде Фриман.
Хекман, кој почина на 95 години, беше познат по улогите во култни филмови како „Француската конекција“ („The French Connection“), „Конверзацијата“ („The Conversation“), „Бони и Клајд“ („Bonnie and Clyde“), „Мисисипи во пламен“ („Mississippi Burning“) и „Супермен“ („Superman“).
Во својот говор, Фриман се присети на зборовите на Хекман: „Никогаш не размислувам за наследство, само се надевам дека луѓето ќе ме паметат како некој што се обидуваше да направи добра работа“.
Фриман заврши со порака: „Џин, ќе бидеш запаметен по тоа и по многу повеќе. Почивај во мир, пријателе.“
Церемонијата на Оскарите вклучи и Ин мемориам дел, во кој беа прикажани сцени од некои од најдобрите филмови на Хекмен во неговата 60-годишна кариера.


