Као Какао, Влатко Стефановски - Фото: Фејсбук/КаоКакао

ВИДЕО | Мјузиклот „Као какао“ ќе го оживее духот на старо Скопје на сцената на МНТ

Инспириран од безвременската музика на Влатко Стефановски и напишан од Венко Андоновски, новиот македонски мјузикл „Као какао“ ќе има премиера на 2 јуни во 20:30 часот на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ). Билетите веќе се во продажба, а следни изведби се закажани за 3, 12 и 13 јуни.

Проектот беше најавен на денешна прес-конференција, каде авторскиот и актерскиот тим го претстави како голем културен спектакл што ја оживува душата и специфичниот хумор на старо Скопје. Една од главните пораки на мјузиклот е дека „Скопје не е крајот, туку почетокот на светот“.

Режисерот Дејан Пројковски откри дека зад целиот тим стојат четири месеци интензивна и возбудлива креативна работа.

„Мјузиклот ја носи важната порака дека не е доволно човекот само да сонува, туку мора да се бори и да верува за да ги оствари соништата. Како што вели и еден од ликовите во претставата, многу е важно во животот од гасеница да станеш пеперутка, бидејќи останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници“, истакна Пројковски.

Безвременските рефрени на Влатко Стефановски во ново руво

Основата на овој голем проект е музиката на нашиот виртуоз Влатко Стефановски, чиј звук со децении е дел од колективната меморија. Текстот го потпишува писателот Венко Андоновски, а во мјузиклот ќе бидат застапени околу 20 песни, рефрени и музички парчиња, кои добиваат сосема нов живот преку специјални аранжмани.

Легендарниот гитарист не го криеше своето воодушевување уште од првата проба.

„Во Македонија талентот на младата генерација актери, пејачи и аранжери е огромен. Многу е возбудливо да се гледа како расте еден проект кој во себе ги интегрира сите театарски жанрови. Навистина очекувам спектакуларна премиера која на сите ќе ни донесе многу радост“, изјави Стефановски.

Фото: Фејсбук/Као какао

Мјузиклот е продуциран од „Баги Комуникации“ во копродукција со МНТ. Продуцентот Владимир Мандичевски нагласи дека се создава исклучителен македонски културен производ кој веќе има потенцијал за извоз. Во тек се сериозни преговори со агенции и институции низ Балканот, но и надвор од него, за претставата да гостува на странски сцени.

Актерската екипа ја сочинуваат бројни докажани и млади таленти, меѓу кои: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска.

Актерката Тања Кочовска низ смеа прокоментира дека успехот на мјузиклот е неминовен бидејќи младите колеги брилијантно и играат и пеат, додавајќи на шега: „Јас само не можам да им се придружам во играњето бидејќи имам ишијас“. За актерката Катерина Јовановиќ овој проект е остварување на сонот, додека Владимир Петровиќ истакна дека ја игра најспецифичната улога во неговата досегашна кариера.

Тимот зад сцената:

Аранжмани: Бобан Мирковски

Кореографија: Олка Панго (асистент: Ирена Лозинска)

Сценографија: Валентин Светозарев

Костимографија: Марија Пупучевска (асистент: Марија Ѓоргиевска)

Вокален ментор: Ана Костадиновска

По премиерата на 2 јуни, публиката ќе може да го погледне овој спектакл и на репризите закажани за 3, 12 и 13 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот