ВИДЕО | Милановиќ во одбрана на македонскиот јазик и идентитет: Неморално е да оспорувате нечиј јазик, тоа е идентитет на еден народ
Претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во Загреб ја искоментира изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш во однос на македонскиот јазик. Таа го нарече македонскиот јазик „северномакедонски“ и оцени дека „некогаш бил дел од бугарскиот јазик“.
Препорачано
– Искрено жалам поради длабоко погрешните изјави кои ги поткопаа сите напори и одличниот и балансиран предлог со кој претходно излезе португалскиот министер за надворешни работи Да Силва. Од историчари кои се занимаваат со политика, полоши се само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи. Добрата вест е што португалското претседателство заврши, се надевам дека словенечкото претседателство ќе продолжи долж истата патека со полно уважување на виталните национални и државни интереси на двете страни, инаку не може да се дојде до договор, изјави Пендаровски.
На истото прашање, Милановиќ одговори дека е неморално да се оспорува нечиј јазик и идентитет.
– Во врска со внатрешни прашања на земјите, можам да одговорам и со поставување на аналогија на проблемот во кој се најде Македонија. Што ќе се случи ако Хрватска го доведе во прашање црногорскиот или бошњачкиот јазик, кои се блиски јазици и на кои се разбираме, а како посебни јазици ги прифативме пред некоја деценија. Па, се разбира, не може да се одрекне правото на еден народ на свој јазик. Неморално е да оспорувате нечиј јазик, нечиј идентитет. Јазикот е идентитетот на еден народ. Погрешно е да се влегува во идентитетски прашања за еден народ, држава. Европската Унија е заедница на народи, на посебни идентитети. Таа изјава на португалската министерка би можел да кажам дека е резултат на незнаење и невнимателност, но мора да се биде внимателен. Тоа пак, прашање, е неважно за Португалија. Еве, јас не би коментирал прашања кои се поврзани со некои односи на Шпанија кон Португалија. Или за прашања меѓу Бугарија и Романија. Македонците се нација, па не станавте нација сега. Што побрзо ги сфатиме тие работи, ќе бидеме поблиску до европските вредности, изјави Милановиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање околу раздвојувањето на европскиот пат на Северна Македонија и Албанија, Пендаровски нагласи дека одењето напред или назад во „пакет” или замрзнувањето на интеграциите во „пакет” не му се допаѓа.
– Не моижам да видам ситуација во која ние во Скопје би имале морално право да кажеме „немојте да ја примате Албанија или немојте да почнувате разговори со Албанија, затоа што треба заеднички да одиме”. Не постои ниту ќе има примедба од Скопје за напредокот на Албанија кон ЕУ во ситуација кога очигледно поради еден билатерален спор сме замрзнати во оваа ситуација, рече Пендаровски.
Хрватскиот претседател Милановиќ од своја страна оцени дека Северна Македонија и Албанија на „безобразен начин” се држат пред вратата на Унијата.
– Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите што поскоро и тоа нема да биде лесно. Ваквите пораки кои се испраќаат се обесхрабрувачки, дури и дискриминирачки, смета Милановиќ.
ФОТО+ВИДЕО: Пендаровски пречекан од Милановиќ со државни и воени почести


