ВИДЕО: Кремонезе беше „тврд орев“ за Рома, Смолинг за радост на Олимпико
Рома остана на максимален учинок и по второто коло во италијанската Серија А, откако на својот „Олимпико“ едвај стигна до победата над Кремонезе со 1:0 (0:0).
Препорачано
Решавачкиот гол за римската „волчица“ го постигна дефанзивецот Крис Смолинг. Рома доминираше во првото полувреме, имаше дури 14 удари кон голот на Раду, кој се истакна во третата минута кога во ситуација „еден на еден“ го запре Лоренцо Пелегрини.
Спинакола имаше еден добар обид на средината на првото полувреме, додека Кремонезе се закани од контра. Во 36 минута Сирил Десерс шутираше над голот од непосредна близина. Во самиот финиш на првото полувреме се повреди Заниоло, па на негово место на теренот влезе Ел Шарави.
Возбудливо беше во првите 15 минути од продолжението. Најпрвин Десерс ја погоди пречката, потоа истото го направи Ел Шарави на другата страна, а минута подоцна Дибала го промаши целиот гол од пет метри.
Сиот налет на Рома се исплати во 65 минута, кога по центаршутот на Пелегрини, мрежата на Раду ја затресе Смолинг. Од 73. минута Мурињо почна да игра дефанзивно, Матиќ го замени Дибала, а Залевски настапи на местото на Спинацола. Пикел имаше шанса да им донесе бод на гостите, но истата ја пропушти во судиското надополнување.


