ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Абдулменаф Беџети, академик: Државата се плаши од суперпрофитабилните фирми

Aкадемик Абдулменаф Беџети/ ФОТО, Слободен печат

Немаме институционален систем во поширока смисла. Во врвот на институциите не се дојдени луѓе со компетенции, не се дојдени со чесност, не се дојдени да им служат на граѓаните и на државата, вели академик Абдулменаф Беџети во интервјуто за „Слободна ТВ“. Зборувајќи за економските состојби во услови на криза, академик Беџети, еден од најголемите стручњаци во таа сфера, потенцира два момента – екстра профитите што ги остваруваат дел од компаниите и стравот на државата да спроведе правичен даночен систем.

– Државата мора да ги контролира фирмите феномени што јас ги нарекувам „супер профит мејкери“. Сериозни држави не толерираат компании што остваруваат екстра добивки надвор од сите логични економски стандарди, а некои држави знаат таквите компании и да ги конфискуваат. Нашата се плаши. Ако ништо друго, таквите компании треба барем екстремно да ги оданочува, поточно да ги оданочува профитите остварени во вонредни околности. Зошто нашата влада тоа не го прави? Па, затоа што се плаши, нема смелост, а нема смелост затоа што мисли дека бизнисот има огромно влијание во политиката, што сметам дека е погрешно. На пример, на што личи за даночни реформи да го прашувате големиот бизнис, што очекувате да ви кажат оттаму – вели академикот.

Беџети смета дека во развојот на државата грешиме принципиелно. Особено инсистира на единство во клучните државни проекти. Да се креира, на пример, инвестиција од една милијарда, без притоа да биде обезбеден консензус помеѓу власта и опозицијата.

Aкадемик Абдулменаф Беџети/ ФОТО, Слободен печат

– Во големите стратегиски проекти не може да се влегува без единство, без согласност на сите, без опозицијата, која и да е таа. Немаше да влеземе во авантурата „Скопје 2014“ – пред Чебрен, Галиште, Клинички центар и сличните – ако имавме консензус за таквите проекти. Се покажа дека не нè бива како институционален систем, од човечки ресурси до финансиски капитал. Потфрлуваме зашто имаме затнати институции, во чиј врв не се дојдени луѓе со компетенции, со чесност не се дојдени да им служат на граѓаните и на државата – вели академикот.

На прашањето кои се мотивите некој да се ангажира во политиката, во партискиот живот, Беџети нема дилема дека тие се лукративни, главно финансиски.

– Секојпат има исклучоци, но видете кои се денес, кои им се придобивките од политичките ангажмани. Некој треба цел век да работи за да биде ситуиран исто толку колку што е некој за само две-три години ангажман во врвот на политиката. Ги гледате ли цифрите што денеска се објавуваат, стотици и стотици илјади евра за еден мандат – потенцираше Беџети.

Во интервјуто за „Слободна ТВ“ тој зборува и за актуелните состојби во Македонската академија на науките и уметностите како и за иницијативата за основање уште една државна академија, албанска.

– Видете, по секоја акција доаѓа и реакција. Некои нешта се дебатираат во Академијата и кога наспроти тие дебати се наметнуваат и лични мислења, кои се неспоиви со функцијата претседател на МАНУ или со функцијата на претседателството, тогаш јас јавно реагирам. Зашто таквите појави го нарушуваат имиџот на врвната научна установа, која треба да води сметка за јавниот интерес. Во однос на иницијативата за нова академија, АНУ, токму таа е чинот на реакцијата. Не дека јас ја оправдувам, но тоа што некој сака да има нова албанска академија е исто така провокација – вели Беџети.

Целиот разговор со академикот Абдулменаф Беџети погледнете во видеото во продолжение

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот