ВИДЕО: Европскиот шампион со победа ја започна одбраната на титулата, Роналдо рушеше рекорди
Фудбалската репрезентација на Португалија со триумф од 3.0 над Унгарија ја започна одбраната на титулата, а на теренот доминираше Кристијано Роналдо кој собори дури три рекорди.
Португалците дури во финишот го скршија отпорот на Унгарците кој можеа да гоказнат европскиот шампион за големите промашувања.
Во првото полувреме, Португалија имаше одлични шанси преку Диого Жота и Роналдо но, не ги реализира, а во второто полувреме иако имаше поголем посед на топката, европскиот шампион не беше премногу опасен за голот на Гулаши. Унгарците својата шанса ја гледаа преку контранападите, и од таква акција постигнаа гол во 80 минута преку Шон, но судијата Чакир го поништи поради офсајд.
Само четири минути подоцна Португалија поведе преку Гереро, а потоа на сцена стапи Кристијано Роналдо кој ги постигна двата гола и со тоа собори неколку рекорди.
Роналдо стана првиот играч кој настапи на пет европски првенства, стана фудбалер со највеќе настапи на ЕП или СП надминувајќи го Бастијан Швајнштајгер, а успеа да го помине и Мишел Платини на листата на најдобри стрелци во историјата на ЕП, доаѓајќи до бројката од 11 голови.