ВИДЕО: Еурофарм Пелистер триумфираше над Нексе во СЕХА лигата

Во последниот натпревар од групната фаза во СЕХА – Газпром лигата, Еурофарм Пелистер го пречека Нексе во Битола и на крајот стигна до победа од 27:23 што му помогна да го обезбеди второто место во групата „А“.
На самиот почеток од натпреварот во салата „Боро Чурлевски“, Еурофарм Пелистер стекна водство од три гола разлика (4:1). Урбан Лесјак блескаше во првите 15 минути од воведното полувреме со седум одбрани, помагајќи му на својот тим да ја задржи предноста. Гоце Ојлески, Дарко Стевановиќ и Денис Василев го диктираа темпото во нападот. Видливо беше дека домаќините, со новиот главен тренер Александар Јовиќ, беа многу мотивирани и желни да го поправат впечатокот после елиминацијата од групната фаза во ЕХФ Европската лига.
После првото полувреме македонскиот вицешампион водеше со 14:11, а во вториот дел како клучна се покажа серијата од 4:0 за зголемување на позитивата на „плус седум“ (21:14).
Битолчани не им дозволија на Хрватите да се надеваат на пресврт, до крајот на средбата гостите само успеаја нешто да анулираат од негативата намалувајќи на само „минус“ четири гола (27:23).
Најефикасниот Денис Василев го заврши натпреварот со шест гола за Еурофарм Пелистер. Со оваа победа, Еурофарм Пелистер успеа да ја освои втората позиција во групата „А“ во која првото место ѝ припадна на српската Војводина, а третопласиран заврши Нексе.
– Одлична победа и одличен почеток на мојата нова кариера. Одигравме добар натпревар против одлична екипа и еден од најдобрите тренери во лигата, Бранко Тамше. Не игравме добра одбрана во првото полувреме, но со голема енергија и емоции направивме разлика. Нашите голмани одбранија многу важни удари, четири пенали и ни дадоа голема поддршка да победиме и да стигнеме до второто место од групата „А“ – рече тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ по мечот со Нексе.
Голманите на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак и Марко Кизиќ на денешниот меч собраа вкупно 18 одбрани.
– Би сакал да му честитам на Нексе за фер натпреварот. Бевме навистина мотивирани, и одигравме брилијантен меч против одлична екипа. Имавме поддршка од нашите навивачи и бевме навистина мотивирани. Не е лесно да се победи против тим како Нексе. Оваа победа ни дава голем мотив за следните натпревари во СЕХА – Газпром лигата и домашното првенство – изјави Кизиќ.